Ковачевски вели дека со решението што го имаат постоечките коефициенти ќе бидат намалени, со што платите на сите избрани и именувани функционери нема да пораснат

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека имаат најдено уставно издржано решение со кое нема да се зголемат платите на функционерите со новото ниво на просечна плата.
Ковачевски денеска рече дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе измени на сите закони со кои се регулираат платите на сите функционери со цел тие да не пораснат.
„Со ова решение постоечките коефициенти ќе бидат намалени, со што платите на сите избрани и именувани функционери нема да пораснат“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Тетово.
На почетокот на годината министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека во Буџетот не се планирани пари за зголемување на платите на избраните и именуваните лица во 2024 година. Бесими рече дека нема пари за дополнителното зголемување според законот, каде што секоја година им следи зголемување согласно усогласувањето со просечната плата.
Пред речиси една година беше донесена одлука за зголемување на платата на избраните лица и функционерите за 78 отсто. Одлуката беше донесена откако од Уставниот суд се барало оценка на уставноста на членовите 4 и 1, а не членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и дека воопшто не било поставено прашањето според кој процент ќе се зголемат или намалат платите.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на 21 август, поднесе предлог до Собранието за намалување на платите на функционерите за 78 отсто. Со поднесувањето на овој предлог од ССМ велат дека бараат итни измени на член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата.
По реакциите на јавноста, Владата формираше работна група која требаше да изнајде решение. Владините претставници тогаш посочуваа дека се потребни измени на седум законски решенија.