Вирусот мора да се прошири и низ детската популација, а можеби е најдобро тоа да се случи кога ќе биде најслаб, за време на летото, вели епидемиологот Предраг Кон, член на српскиот Кризен штаб за борба против ковид-19.
Тој најавува дека во тамошното Министерство за образование се дебатира за начинот на кој ќе треба да продолжат да работат училиштата, додека во однос на градинките, тој смета дека тие треба да се отворат бидејќи родителите мора да почнат да одат на работа и ќе немаат друг избор.
„Животот мора да продолжи“, вели Кон.
НА 11 МАЈ СЕ ОТВОРААТ УЧИЛИШТАТА ВО ФРАНЦИЈА И ХОЛАНДИЈА
Фазно враќање на учениците на настава најави Франција. Министерот за образование Жан Луис Бланкер најави дека училиштата ќе почнат со работа на 11 мај.
„Ниту едно училиште нема да се отвори без неопходната заштитна опрема. Нема да биде дозволено одржување настава на повеќе од 15 ученици во една училница заедно. Прво ќе се вратат најмалите, учениците на возраст од 5 до 7 години, а заедно со нив и оние што се во последната година од основното училиште“,
вели Бланкер.
Истиот термин за почеток на наставата го најави и Холандија. Таму, половина од учениците ќе одат на училиште еден ден, а другата половина наредниот ден.
Премиерот Марк Руте вели дека владата е свесна дека тешко ќе се успева да се одржи социјална дистанца, но според него, сите досегашни докази укажуваат дека ризикот од ширење на инфекцијата кај оваа популација е низок.