Нема прецизна информација до каде продрел токсичниот линдан во почвата, a oсвен земјиштето, контаминирани се и подземни води. Анализите покажале и присуство на други видови на отпад
Околу 40 000 тони чист отпад од линдан и 6 500 тони линдан помешан со други отпадоци биле депонирани на месноста Пеленица, над скопско Драчево, покажа истражувањето на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Се работи за подземна, дива депонија, создадена пред повеќе децении.
Нема прецизна информација до каде продрел токсичниот линдан во почвата, а освен земјиштето, контаминирани се и подземни води.
„Ненарушената почва, под депонијата, е контаминирана, меѓу другото, со HCH. Длабочината на контаминираната почва останува непозната, т.е. со сегашните аналитички резултати не е добиено вертикалното разграничување. Контаминацијата во површинскиот слој на почвата предизвикува еколошки ризици бидејќи контаминацијата е присутна во контактната зона. Резултатите од подземните води покажуваат дека истите во близина на локацијата се контаминирани и дека постои ризик од миграција на загадувачите“,
соопштија од ресорното министерство.

Според досегашните сознанија, локацијата до 1961 година се користела за ископ на глина за керамика, што резултирало со голема јама. Подоцна, во 1976 година, јамата послужила за хемискиот гигант ОХИС да го депонира отпадот од производството на линдан, поточно – делта паста. Но, освен остатоците од линданот, анализите покажале и присуство на други видови опасен отпад, како и градежен шут.
„Примероците покрај HCH содржат и високи концентрации на хлоробензени и диоксини и фурани. Се наиде на многу материјали за пакување (на пример, пластични и хартиени кеси), главно празни. Се наиде на многу отпадоци од стакло и стаклена волна кои доаѓаат од фабрика за стакло. Во повеќе бушотини и ровови забележан е градежен отпад и отпад од рушење“,
се вели во сумираните резултати од истражувањето.

Истражувањето покажало дека линданот не бил депониран во бетонски јами (саркофази). Нема индицикаци ниту дека бил спакуван во буриња. Досегашните сведоштва на вработени од ОХИС кои ги обезбеди „360 степени“, беа дека линданот од фабриката се транспортирал на Пеленица во буриња, но, од друга страна пак, локалното население тврди дека бурињата се краделе, а материјалот бил расфрлан низ јамата која била отворена долго време.
„Се наиде само на едно метално буре со отпад, другите буриња можеби биле отстранети во минатото, а содржината од истите расфрлана на локацијата. Нема индикации дека се случило значително одлагање на отпадот од HCH во буриња на депонијата“,
велат од МЖСПП.
Од ресорното министерство велат дека според проценката, предложени биле три опции за ремедијација (минимална, средна и максимална).
„Со користење на алатката за оценување наречена Повеќекритериумска анализа за одлучување (ПКАО), како најдобра опција e оценета минималната опција. Минималната опција има највисока оценка врз основа на дадените оценки за придобивките за животната средина, трошоците, техничката изводливост, планирањето, проектните ризици и социјалното влијание. Со оваа опција се спречуваат/ограничуваат сите еколошки ризици со спречување на миграцијата на загадувачите во и надвор од локацијата. Ова се постигнува со покривање на локацијата, вклучувајќи го и насипот, за да се спречи директен контакт со контаминираната површинска почва и да се ограничи идната инфилтрација на дождовните води во локацијата. Контаминираните фреатски подземни води и контаминираните подземни води на аквиферот(ите) ќе се мониторираат со цел пропишување на евентуални ограничувања за користење на фреатските подземни води и водоносните слоеви врз основа на резултатите од мониторингот“,
соопштија оттаму.
Министерот за животна средина, Насер Нуредини, соопштувајќи ги првичните резултати минатата недела за „360 степени“ кажа дека Пеленица е висококонтаминирана со линдан, како и дека министерството ќе се погрижи и за земјиштето и за подземните води.
„Ќе одиме чекор по чекор како што треба, ќе го изготвиме целиот план за ремедијација, ќе чини пари, но ќе се изготви план за рехабилитација, како што сме направиле измена во законот, потоа да видиме колку ќе чини. Ние ги немаме првите бројки, во однос на тоа колку ќе чини чистењето на ова. Но, треба да сме свесни дека ова чини многу пари, како што е сега чистењето на локацијата во Охис, инвестираме над 8 милиони евра за тие базени таму. Сега, не знам, не можам да проценам колку е точно тоа, затоа што, како што ви реков, ја разгледуваме целата анализа, но не е важно колку чини, важно е ние да бидеме готови со планот за рехабилитација, потоа нормално со меѓународниот фактор ќе се потрудиме да добиеме грант компоненти за да го исчистиме ова“,
кажа Нуредини.
Официјалните истражувања на ресорното министерство, кореспондираат со дел од сведоштвата и документите што „360 степени“ ги објави пред четири години.
Сознанијата беа значајни бидејќи стануваше збор за познато излетничко место, на кое често пасел добиток, а подземните води се користеле од мештани преку бунари.
Четири и пол години подоцна, на почетокот на ноември годинава, ресорното министерство почна еднонеделно, теренско испитување на Пеленица, по што следуваа ваквите резултати.