Според последните податоци генерирани на „Ворлдометерс“, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 3 милиони и 230 илјади лица. Од нив починале 228 илјади, а оздравеле над 1 милион луѓе.
Новиот коронавирус се појави во 214 земји и територии низ светот и зарази над три милиони луѓе, но 33 држави и територии сè уште немаат пријавено ниту еден случај.
Меѓу нив се земјите Комори, Лесото, Таџикистан и малите островски земји во Тихиот Океан, како Науру, Кирибати и Соломонските Острови.
Јапонија
Јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека ќе ги консултира експертите дали да ја продолжи вонредната состојба во земјата, која е воведена на 16 април и треба да трае до 6 мај. Мерките за спречување на ширењето на новиот коронавирус во Јапонија се врз основа на убедување на граѓаните да останат дома, а компаниите да бидат затворени.
Пакистан
Пакистан го потврди најголемиот дневен раст на заразени случаи со коронавирус – 874. Вкупно се регистрирани 15 759 случаи на заболени, а 346 се починати. Земјата е во карантин, кој е продолжен минатиот викенд и ќе биде во сила најмалку до 9 мај.
Јужна Кореја
Јужна Кореја соопшти дека нема локални инфекции на ковид-19, првпат во изминатите 72 дена. Има четири нови случаи на зараза, но сите се лица што пристигнале од странство. Од почетокот на пандемијата во Јужна Кореја се потврдени 10 765 случаи на зараза, а 247 луѓе починале. Речиси 9 000 оздравеле.
Холандија
Во Холандија животот го загубија 4 711 лица од коронавирус, што е повеќе отколку во Кина, со што земјата стана десетта држава која ја надмина Кина по бројот на починати.
САД
Во САД досега се регистрирани најмалку 1 038 000 заразени лица со ковид-19, а 60 876 се починати. Претседател Доналд Трамп ја обвини Светската здравствена организација дека и помогнала на Кина да ги прикрие размерите на пандемијата на ковид-19 уште на самиот почеток.
СЗО
Директорот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејсус изјави дека ќе собере експерти од Комитетот за итни случаи за да го проценат развојот на пандемијата три месеци од прогласувањето на глобалната здравствена опасност од новиот коронавирус.