Според Мицкоски на следните избори ќе се гласа за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, втората опција е Али Ахмети и ДУИ, поддржани од СДС и третата опција, како што вели, се платени патриоти и лажни популисти

ВМРО-ДПМНЕ смета дека следните избори кои ќе ги има во државата ќе бидат суштински, а на нив ќе може да се гласа за три опции.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека првата опција за гласање ќе биде коалицијата која ќе ја предводи неговата партија, а втората опција според него ќе биде коалицијата која ќе ја предводи Али Ахмети и ДУИ, а која ќе ја поддржува СДС.
„Трета опција се оние кои ќе ви зборуваат тоа што сакате да слушнете, кои ќе кажуваат она кое мислите дека е исправно, а тие ни од далеку не може да го испорачаат“,
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешното обраќање во Ѓорче Петров.
Според Мицкоски тоа се платени патриоти и лажни популисти кои откако ќе ги излажат граѓаните, како што рече, ќе ги бројат жолтиците кои Али Ахмети и ДУИ им ги имаат избројано.
„Се со цел да ги разделат антивладините гласови, да ги разделат гласачите кои не се сложуваат со политиките на оваа влада, за да може победата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да биде помала и да може утре да бидеме тие кои ќе прават компромиси при формирање на идната влада, а не сакаме да ги правиме како компромиси“,
рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека на изборите треба да има масовност, затоа што, рече тој, со седење дома се дава поддршка на ДУИ и СДС.
„На следните избори ќе заокружувате за Македонија или ако останете дома за коалицијата на ДУИ поддржана од СДС, тогаш не за Македонија. Нема друга опција. Или ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата или ДУИ, Али Ахмети поддржан од Димитар Ковачевски и тоа што ќе остане од СДС“,
рече Мицкоски.
Мицкоски упати порака и до сите членови и симпатизери на СДС кои не се согласуваат со политиките на малкумината кои се дел од раководството на партијата во овој момент и кои свесно, како што рече, ја уништуваат Македонија.
„Ви даваме рака придружете се, застанете на следните парламентарни избори со вистинската опција, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи“,
рече Мицкоски.
Мицкоски говорејќи за современиот патриотизам, рече дека зборува за политичари коишто кога ќе ја добијат довербата од народот ќе работат напорно и посветено.
