Пунктот ќе биде отворен 24 часа, а ќе биде во фунцкција сè додека е потребно
Во строгиот центар на Скопје, на плоштадот „Македонија“ е отворен е пункт за донации на облека, храна и хигиенски средства за семејствата на настраданите и за погодените во катастрофалните земјотреси што вчера ги погодија Турција и Сирија.
Пунктот ќе биде отворен 24 часа, а ќе биде во фунцкција сè додека е потребно.
Владата на итна вонредна седница синоќа донесе одлука во Турција да испратат специјални тимови за спасување кои ќе помогнат во санирањето на последиците од земјотресот, а ќе биде испратен и хуманитарен пакет од 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.
Министерството за финансии, пак, е задолжено до Владата да достави одлука за одобрување средства од резервите на буџетот за 2023 година, во износ од шест милиони денари, за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес.
Освен за Турција, премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека земјава ќе испрати помош и за Сирија.
„Министерство за надворешни работи веќе комуницира со колегите од Сирија за да видиме што можеме и таму да испратиме како помош, кои се нивните потреби. Штом ќе можеме да идентификуваме кои би биле потребите, согласно нашите можности, тогаш се разбира дека и Сирија е држава која ќе биде помогната од наша страна“,
рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.