Освен за заплена на Меѓународниот аеродром „Скопје“, од Царина информираат и дека на царинска испостава Гевгелија, при контрола на стока за увозно царинење, се откриени 1 920 полначи за мобилни телефони „самсунг“ кои не биле опфатени со увозната декларација
Вкупно 21 мобилен телефон „ајфон 15 про“ со вкупна вредност од еден милион денари се запленети на Меѓународниот аеродром „Скопје“. Од Царинската управа информираат дека мобилните телефони се откриени по детална контрола на стока декларирана за увозно царинење. Телефоните биле најдени при детална физичка контрола на пратка од Дубаи која била наменета за фирма од Скопје.
Дополнително, како што велат од Царинската управа, биле запленети уште 11 мобилни телефони „ајфон 15 про“ во вредност од 799 илјади денари и еден таблет. Овие телефони и таблет, се додава во соопштението од Царинската управа, се запленети на патнички промет откако патник што патувал од Истанбул не ги пријавил на влез во државата. Тој е селектиран за рендген-контрола при што во дел од куферите помеѓу облеката се откриени мобилните телефони и таблетот.
Покрај мобилните телефони, на Меѓународниот аеродром „Скопје“ на стоково царинење, декларирани за увоз, привремено се задржани 883 блутут-слушалки и 1 048 задни капаци за мобилни телефони со лого на „Епл“ за кои во моментов е отпочната постапка за повреда на право на интелектуална сопственост.
„Исто како и во првиот случај, станува збор за пратка од Дубаи, за која е поднесена декларација за увозно царинење за обични блутут-слушалки и задни капаци за мобилни телефони. Проценетата малопродажна цена за овие производи доколку се продаваат како оригинали е 220 илјади евра“,
се вели во соопштението од Царина.
Освен за заплена на Меѓународниот аеродром „Скопје“, од Царина информираат и дека на царинска испостава Гевгелија, при контрола на стока за увозно царинење, се откриени 1 920 полначи за мобилни телефони „самсунг“ кои не биле опфатени со увозната декларација.
Вкупната проценета вредност на непријавената стока е 374 илјади денари и таа била со потекло од Кина, а наменета за фирма од Скопје.
Од Царинската управа велат дека полначите се запленети, против увозникот е поведена прекршочна постапка, а се води и постапка за повреда на правото на интелектуална сопственост.