На Скопска Црна Гора, помеѓу селата Блаце и Горно Блаце, од вчера попладне е активен пожар кој е на непристапен терен, информира командантот на скопската Противпожарна бригада, Владимир Симоновски.
Симоновски информира дека пожарот, во кој е зафатена мешана шума, во моментов го гаснат 18 вработени во шумското стопанство „Караџица“.
„Пожарот е на многу непристапен терен. Ќе се следи ситуацијата. Доколку има потреба, во текот на денот ќе се вклучиме и ние и евентуално хеликоптери за негово гаснење“,
вели Симоновски за МИА.
Во текот на вчерашниот ден екипи на Противпожарната бригада биле на терен и учествувале во гаснење на пожарот.
Засега нема информација која е причината за избувнувањето. Се претпоставува дека шумата ја имаат запалено дрвокрадци.