„Во изминатите 28 години, ПСЈИЕ им помогна на учесничките да затворат некои отворени прашања, да изградат меѓусебна доверба и да соработуваат за постигнување на заедничка цел, а тоа е Југоисточна Европа да добие едно заедничко знаме – знамето на Европската Унија“, рече претседателката
Учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) од регионот мора да инсистираат на копенхагенските критериуми, како единствен услов за членство во Европската Унија. Ветото е спротивно не само на логиката на Европската Унија, туку и на пресперитетот на целиот регион. Наместо да се блокираме, треба да се однесуваме скандинавски, да соработуваме и да се поддржуваме едни со други.

Ова денеска го рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во нејзиното обраќање на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што денеска се одржува во Скопје, како завршна активност во рамки на македонското претседавање со Процесот под мотото „Премостување на поделбите, градење доверба“, посочувајќи дека имаме заедничка одговорност да придонесеме за зачувување на мирот во Европа, градејќи за демократски, безбеден и просперитетен континент.
„Во изминатите 28 години, ПСЈИЕ им помогна на учесничките да затворат некои отворени прашања, да изградат меѓусебна доверба и да соработуваат за постигнување на заедничка цел, а тоа е Југоисточна Европа да добие едно заедничко знаме – знамето на Европската Унија“,
рече претседателката.
Според неа, овие заложби дале конкретни резултати, како што рече некои земји станале полноправни членки, други започнале преговори за членство, а трети се кандидати или имаат поднесено апликација за членство.
На регионот, како што рече Сиљановска-Давкова, не му е потреба гола ЕУ-реторика, туку доследна ЕУ-логика.
„Со други зборови, ни треба демократска политичка култура, владеење на правото и функционална правна држава, човекови права и фундаментални слободи, стручна и компетентна администрација и компететивна економија. Најефикасен начин за имплементирање на овие европски придобивки се преговорите и членството“,
рече Сиљановска-Давкова.
Очекува, како што рече претседателката, независно од постизборната констелација во Европската Унија, проширувањето да остане на агендата на идната Европска комисија.
„Ова е важно, зашто проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот“,
вели таа.