Според директорот на Фондот за ПИОМ, актуелната состојба на пазарот на труд наметнува потреба од искористување на огромното искуство и вештини кои ги поседуваат повозрасните граѓани. Мемов појасни дека со ваквото законско решение ќе се оствари троен бенефит

Пензионерите кои се во добра здравствена состојба треба да добијат законска можност да работат во приватниот сектор, со што ќе го задржат правото на пензија, а истовремено ќе примаат и плата. Ова го предложи директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов, за време на тркалезната маса на тема „Недостигот на работна сила: Од предизвик до можност преку активно стареење и искористување на позитивни искуства“.
Според директорот на Фондот за ПИОМ, актуелната состојба на пазарот на труд наметнува потреба од искористување на огромното искуство и вештини кои ги поседуваат повозрасните граѓани. Мемов појасни дека со ваквото законско решение ќе се оствари троен бенефит.
„Со вработувањето на пензионерите работодавачите ќе имаат лица со кои ќе ги пополнат работните места и за кои ќе плаќаат придонеси. Со тоа корист ќе има државата, бидејќи ќе прибира средства за пензиско, здравствено осигурување и други давачки, а корист ќе имаат и самите пензионери, бидејќи ќе имаат и пензија и плата“,
истакна Мемов додавајќи дека Фондот не креира политики, но дава конструктивни предлози за подобрување на состојбите.
Проф. д-р Лазар Јовевски рече дека ова е тема која е длабоко поврзана со опстанокот и иднината на државата. Тој додаде дека стареењето на нацијата е факт, а за решавање на проблемот има два начина.
Јовевски вели дека едниот пат е увоз на работна сила, за кој вели оти си има свои последици коишто се гледаат од искуството во западните земји. Вториот пат, вели тој, е внатрешно да се реорганизираме и да ги надминеме недостатоците.
„Ако се договорат сите чинители дека ќе се оди по вториот пат, тогаш ќе треба да се редефинира правно-економската регулаторна рамка со која ќе се овоможат нови решенија за вработување, и правила на пазарот на труд“,
рече Јовевски.
Претедателката на Комората, м-р Верица Милеска-Стефановска, нагласи дека секторот на приватното обезбедување се соочува со проблеми коишто поскоро треба да се решат. Таа изнесе повеќе примери од нашето окружувње каде што на пензионерите им е дозволено да се вработат и да ја задржат пензијата.
Целта на настанот, како што беше речено, е актуелизирање на состојбата со работната сила во областа на приватното обезбедување и изнаоѓање решение за нејзино подобрување.
Учесниците на тркалезната маса потенцираа дека мора да се направат измени во законската регулатива што поскоро и со тоа да се обезбеди работна сила која ќе ги пополни празните работни места во секторот на приватното обезбедување.
