Организаторите на Олимписките игри во Токио, кои почнуваат за помалку од еден месец одлучија да се забрани продажбата на алкохол за гледачите односно на местата каде ќе се одржуваат спортските натпревари.
„Следејќи ги советите на експертите, организаторите одлучија да не се продава алкохол на местата каде ќе се одржуваат натпреварите со цел да се спречи ширењето на коронавирусот“,
објави претседателската на Организацискиот комитет на Олимпијадата, Сеико Хашимото.
Објаснувањето на организаторите за ваквата одлука е што лекарите предупредиле дека доколу гледачите бидат под дејство на алкохол тогаш би зборувале гласно и викале, а нема ни да внимаваат на физичкото растојание, што би придонело за ширење на вирусот.
По првичната забрана, организаторите сепак дозволија присуство на домашна публика, исполнетоста на гледалиштата треба да биде најмногу 50 проценти од капацитетите или максимум до 10 000 луѓе. Меѓутоа, на гледачите ќе им биде забрането да навиваат, да земаат автограми од спортистите, а по завршувањето на натпреварите ќе треба да си одат дома.
До почетокот на Олимписките игри, на 12 јули, не се исклучува ниту повторна забрана за публика со оглед дека јапонскиот премиер Јошихиде Суга најави таква можност во случај да биде прогласена вонредна состојба во Токио поради епидемијата.