Во синоќешното видеообраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски лично ѝ се заблагодари на Овсијаникова
Руското Државно обвинителство поведе предистражна постапка против новинарката Марина Овсијаникова, која синоќа упадна во програмата на Првиот канал на руската телевизија со антивоен транспарент.
Според неодамна усвоениот закон, на Овсијаникова ѝ се заканува затворска казна до 15 години за ширење лажни вести за руски војници.
Овсијаникова веднаш по упадот во програмата е приведена, но и адвокатите не знаат каде се наоѓа таа моментално.
Во синоќешното видеообраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски лично ѝ се заблагодари на Овсијаникова.
„Благодарен сум на Русите кои не престануваат да се обидуваат да ја кажат вистината и лично на девојката која во студиото на Првиот канал влезе со транспарент против војната. Тие што не се плашат да протестираат додека вашата земја не биде затворена од светот. Треба да се борите, да не ја изгубите шансата“,
истакна Зеленски.
На транспарентот на Овсијаникова пишуваше „Не за војна, прекинете ја војната, не верувајте во пропагандата, овде ве лажат“, таа исто така и извика „Не за војната, сопрете ја војната“, а потоа програмата беше прекината.
Од друга страна пак, Обединетите нации денеска испратија апел Овсијаникова да не биде казнета, бидејќи таа не направила кривично дело, туку само го искористила своето право на слобода на говор.