Помина рокот од 8 дена за „мистериозниот“ инвеститор самиот да ја урне дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“, во центарот на Скопје. Според решението на инспекторатот, сега надлежноста за отстранување на објектот кој покрива површина од 330 метри квадратни, е на Општина Чаир.
На локацијата веќе неколку дена нема градежни активности, а Општина Чаир објави тендер за уривање бесправно изградени објекти.
Градоначалникот Висар Ганиу минатата недела одржа прес-конференција на која информираше дека градежниот инспектор уште на 10 јули констатирал дека објектот нема дозвола за градба и издал решение за уривање , но бидејќи не можеле да откријат кој е инвеститорот ниту изведувачот, во општинскиот Службен гласник го водат како „непознат сторител“.

Начинот на кој никна објектот во „Мавровка“ го истражува и МВР преку Единицата за компјутерски криминал. Кога ќе заврши истрагата, полицијата ќе го извести и Обвинителството.
Кафулето „Фонтана“, на чија локација сега се гради спорниот објект, изгоре во пожар во мај за време на продолжениот полициски час. Немаше жртви, но имаше материјална штета, а првичните наоди од истрагата тогаш покажаа дека имало спој меѓу компјутерот и фискалната каса.