Има многу процедури и акции кои треба да се преземат во однос на меѓусебната комуникација на институциите, дозволите, процесите на експропријација. Навистина има многу работа во тој проект и затоа еден од вицепремиерите е задолжен да го следи спроведувањето и да биде еден вид надзор и поддршка на тој процес. И тоа не е првпат и тоа не е ништо чудно, вели Маричиќ за назначувањето на Артан Груби за координатор на Коридорот 8

Коридорот 8 е најважниот инфраструктурен проект на оваа Влада и сите вложуваме максимални напори тој да успее. Затоа мислам дека е екстремно важно сите членови на Владата од свој аспект да бидат вклучени во овој проект. И за ниту еден член не треба да биде чудно ако се вклучи дополнително со екстра напор во спроведување на овој проект. Вака вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ го коментира назначувањето на неговиот колега Артан Груби за координатор на изградбата на Коридорот 8, патот Блаце-Скопје, пругата Кичево-Лин и граничните контроли кон Косово и Албанија.
„Тоа што Владата одлучи вицепремиерот Груби да биде координатор на овие активности значи дека има потреба од посилна координација затоа што има надлежности кои припаѓаат на Министерството за транспорт и врски, тие се многубројни и никој не ги одзема, напротив ќе ги спроведуваат МТВ. Но, исто така, има многу процедури и акции кои треба да се преземат во однос на меѓусебна комуникација на институциите, дозволи, процес на експропријација. Навистина има многу работа во тој проект и затоа еден од вицепремиерите е задолжен да го следи спроведувањето и да биде еден вид на надзор и поддршка на тој процес. И тоа не е првпат и тоа не е ништо чудно“,
рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција со неговата српска колешка Тања Мишчевиќ.
Според него, и во минатото имало инфраструктурни проекти или, пак, проекти кои се однесувале на спроведување на одредени политики кои ги коорднира некој од вицепремиерите.
„И јас сум вицепремиер задолжен за европски прашања, но тоа не значи дека работам наместо министерот за правда, економија или финансии. Секој има свои надлежности во процесот на европска интеграција, но јас како вицепремиер за европски прашања и Секретаријатот имаме координативна улога, односно улога да ги координираат тие напори за да бидат што поефикасни и со подобри резултати“,
додаде Маричиќ.
На прашањето да даде коментар за тоа што името на Артан Груби во последно време се поврзува со евентуални коруптивни скандали и дали е тоа во согласност со европските вредности, со оглед на тоа што С Македонија се залага за борба против корупцијата, владеење на правото, Маричиќ рече дека за тоа евентуални коруптивни дејствија има институции.
„Државната комисја за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство треба да го кажат својот збор. За Владата ова е најважниот инфраструктурен проект кој треба да исполни еден европски коридор од Јадранското, па до Црно Море“,
нагласи Маричиќ.
Вчера и вицепремиерот Фатмир Битиќи застана во одбрана на неговиот колега Груби. Битиќи рече дека тоа е нова задача која се дава на еден од вицепремиерите за да се помогнат одредени процеси, иако примарната надлежност за сите инфраструктурни проекти е во Министерството за транспорт и врски. Според него нема друга заднина во назначувањето на Артан Груби за координатор на изградбата на Коридорот 8.