Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека многумина граѓани и компании биле подбуцнати од центри во Владата да земаат кредити за да вложат во соларни панели, фотоволтаици и ветерни електрани, а потоа најголемиот дел од нив не можат да се прикачат на мрежата, додека цената што ја очекувале кога го правеле бизнис-планот не била таква каква што е

Енергетиката е основа на сè кога станува збор за економијата и економскиот развој на државата. Ако немате енергетски ресурси да им понудите на инвеститорите, тогаш тие ќе најдат некоја друга дестинација каде што ќе има. Ова го кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната партиска дебата „Економски принципи“.
Мицкоски рече дека во Македонија се случува процес што го нарече „златна треска“ во инвестициите во соларни панели, фотоволтаици и ветерни електрани. Посочи дека ова за 50 отсто го надминува годишниот конзум на Македонија како држава. Според него, прашањето е како мрежата сето тоа ќе го прифати и дали е тоа технички возможно.
„Од тие информации што јас ги имам во овој момент, во оптег во Македонија се обидуваат во обновливи извори на енергија да бидат инвестирани некаде околу седум до осум илјади мегавати. Да речеме, РЕК ‘Битола’ кога би работела во својот полн капацитет со сите три блока, модернизирана, нова итн., нема да натфрли 675 мегавати. Значи, ова е за десет пати повеќе од РЕК ‘Битола’. Во електроенергетскиот систем не е сè во производството. Таа енергија што ја произведувате треба, народски кажано, да ја закачите на жица. Така што, има еден момент што се вика пренос и дистрибуција. Нашиот технички капацитет во моментот не е ни на 20% од ова што во моментов претставува ‘златна треска’“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека многумина граѓани и компании биле подбуцнати од центри во Владата да земаат кредити за да вложат во вакви објекти, а потоа најголемиот дел од нив не можат да се прикачат на мрежата. Второ, цената што ја очекувале кога го правеле бизнис-планот не била таква каква што е.
„Со други зборови, сето ова што во моментов се случува во Македонија е многу скап спорт и, за жал, сакам да ги предупредам сите оние коишто во моментов се почнати да размислуваат или имаат намера да размислуваат во оваа насока, да не бидат лековерни на поединци кои за ситна провизија да им завршат некоја работа во некоја државна институција, владина, ќе ги мотивираат да ги вложат последните пари, па и не само последните пари, туку и да се задолжат итн. Нема како потоа технички сето тоа да функционира“,
појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски посочи дека на земјава ѝ е потребна базна енергија.
„Кога мене би ме прашале како ја гледам иднината, ние мора да имаме како држава базна енергија. Ние мора да имаме производен центар што ќе произведува базна енергија. Без базна енергија што ќе биде најмалку 50-ина проценти од портфолиото на државата, ние како држава не можеме да функционираме“,
нагласи Мицкоски.
Тој рече дека треба да се модернизираат РЕК „Битола“ и „Осломеј“ и да бидат производители на базна енергија.