Сите членови на парламентот имаат обврска да го поддржат европското движење на државата затоа што младите заминуваат од државата во земји од ЕУ, бидејќи таму има економски просперитет, владеење на правото, социјална правда и владеење на демократијата, порача денеска Ковачевски
„На крајот нема да фалат пратеници“.
Вака премиерот Димитар Ковачевски денеска одговори на прашање од новинари за тоа уште колку пратеници недостигаат за да има двотретинско мнозинство со цел изгласување на уставните измени потребни за продолжување на преговорите со ЕУ.
Јас, рече тој, секогаш сум верувал во остварување на целта и сум работел на тоа.
„Пратеници не ѝ требаат на Владата или на мене. За да биде претседател на влада или да се изгласа една влада се потреби 61 пратеник. Оваа влада има 65 пратеници со кои е изгласана. Двотретинско мнозинство е потребно за понатамошно продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Сите членови на парламентот имаат обврска да го поддржат европското движење на државата затоа што младите заминуваат од државата во земји од ЕУ, бидејќи таму има економски просперитет, владеење на правото, социјална правда и владеење на демократија“,
рече Ковачевски.
Тој повторно зборуваше за придобивките што државата би ги имала од членството во ЕУ нагласувајќи ги позитивните ефекти врз економскиот стандард, односно зголемувањето на просечните плати и на нивото на инвестиции.
Друга алтернатива, според него, нема, при што посочи дека додека ВМРО-ДПМНЕ била на власт, пробала да најде алтернатива за економски раст, но безуспешно.
„Што постигна? Ништо. Два проценти БДП, на три проценти просечна инфлација. Инвестициите ги гледаме. Стиропорот во Владата и во сите други згради се распаѓа, половина подруми се поплавени, театарот протекува. Останаа спомениците, а еден споменик бил плаќан 10-кратно повеќе од тоа што вреди. Ние сме уникатен случај во светот каде социјална зграда чини колку еден лав на мостот ’Гоце Делчев‘“,
рече Ковачевски.