Наредната недела се очекува предлог-законот за заем од ЕБОР да помине во Комисијата за финансирање и буџет, а откако ќе се усвои и на пленарна седница следен чекор би бил потпишување на договор за заем за изведба на двете линии кои би го поврзале источниот со западниот односно јужниот со северниот дел на Скопје
Идејниот проект за трамвајот на тркала од Ѓорче Петров до Ново Лисиче во моментов е во фаза на изработка и наскоро Град Скопје очекува да го добие. Во тендерската документација беше наведено дека трамвајот на тркала би се движел по крајната лева сообраќајна лента, а оваа рута би се поминувала за 35 минути
Најавуваниот трамвај на тркала во Скопје неколку месеци е паркиран на „станица“ во Собранието, од каде се чека зелено светло за заемот со кој треба да се финансира овој проект. Во сите обвинувања за кочење закони изминатиот период и маки на власта да обезбеди кворум за да ги изгласа, ова законското решение беше споменувано во групата важни закони кои треба да се донесат.

Еден ден откако парламентарното мнозинство од 62 пратеници се собра на број во собраниските клупи и ѝ изгласа доверба на владата, премиерот Зоран Заев во четвртокот (4 март) порача дека изгласаната доверба носи и одговорност да се одблокира работата на Собранието, а законот кој се однесува на трамвајот на тркала го наброја како еден од клучните.
„… Понатаму, третиот проект трамвајот на тркала за Скопје, што чини 70 милиони евра и нема тука потреба од натегање меѓу опозиција и власт. Сите да застанеме, брзо да го реализираме тоа. Да не зборувам за законите од областа на културата, на здравството, од петтиот пакет мерки за помош директно кај граѓаните. Тоа е недозволиво. Нема да дозволам како претседател на Влада блокада во Собранието“,
порача Заев.
Наредната недела предлог-законот треба да го помине филтерот во собраниската комисија
Предлог-законот предвидува задолжување со заем од 70 000 000 евра кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. Тој помина на владина седница на 17 ноември лани, по што беше испратен во Собранието за усвојување по скратена постапка. Во моментов се наоѓа на расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Како последна – осма точка, од дневниот ред на седницата број 13 е единствениот кој не го поминал филтерот во ова собраниско тело.

Владејачкото мнозинство вината за тоа што овој закон се уште е на стенд бај ја префрлаат кај ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи дека не се закажуваат седници или се прекинуваат пред гласање. Од опозициската партија, која претседава со оваа Комисија отфрлаат вина.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој е претседател на Комисијата за финансирање и буџет, вели дека не станува збор за кочење туку таква е ситуацијата со епидемијата што нема и доволно сали кои ги задоволуваат просторните услови, па Комисијата заседава 3-4 пати неделно, а од друга страна има бројни материјални кои се предмет на работа на нејзините седници. Сепак, тој најавува дека најверојатно во текот на следната недела овој предлог-закон ќе помине на Комисија, по што треба да оди на пленарна седница на Собранието.
Деловничките процедури налагаат дека расправата во Комисија може да трае најмногу два дена доколку има голем број пријавени за дискусија. За предлог-законот за збор се пријавиле повеќе пратеници, првиот ден од расправата веќе поминал, а вториот би требало да помине наредните денови.
ВМРО-ДПМНЕ нема поднесено амандмани бидејќи, како што брифираат, забелешките повеќе се однесуваат на самиот проект отколку на задолжувањето, за што конкретно се однесува предлог-законот.
Предлог-законот предвидува заемот од 70 милиони евра од ЕБОР да се додели во две транши. Првата во измос од 47 600 000 евра, а втората од 22 400 000.
„Рокот за отплата на првата транша од заемот е 15 години со вклучен грејс период од четири години. Првата транша од заемот ќе се отплаќа во 22 полугодишни рати на 20 април и на 20 октомври секоја година, започнувајќи од првиот датум од навршување на четвртата година од склучување на Договорот за заем. Рокот за отплата на втората транша од заемот е 15 години со вклучен грејс период од четири години. Втората транша од заемот ќе се отплаќа во 22 полугодишни рати на 20 април и на 20 октомври секоја година, започнувајќи од првиот датум од навршување на четвртата година од денот на достапноста за користење на втората транша“,
пишува во предлог-законот.

Проектот за брз автобуски превоз опфаќа две линии, а првата транша би се користела за финансирање на линија 1 со која трамвајот на тркала треба да биде во патен правец исток-центар-запад Ново Лисиче – Ѓорче Петров), додека втората транша за линија 2 односно југ-центар-север (Кисела Вода – Бутел).
Што понатаму?
Откако ќе се донесе предлог-законот, од Град Скопје велат следен чекор е потпишување на договор за заем на кредитот за ЕБОР за изведба на двете линии.
Градските власти засега не прецизираат рокови и нагласуваат дека динамиката на постапката понатаму ќе зависи од Европската банка.
„Целата понатамошна постапка, поточно распишувањето на огласот за избор на проектант за изработката на основниот проект и целокупната пропратна документација за првата линија од БРТ Скопје, ќе го спроведува ЕБОР. Земајќи го предвид претходното, распишувањето на огласот, тендерската документација евалуација и понатамошната постапка, пред сè зависи од динамиката која ќе ја предложи и спроведе ЕБОР“,
велат од Град Скопје.
Идејниот проект за трамвајот на тркала од Ѓорче Петров до Ново Лисиче во моментов е во фаза на изработка и во наредниов период Град Скопје очекува да ја добие документацијата.


Од Ѓорче Петров до Ново Лисиче за 35 минути
Во меѓувреме, Градот во јули лани објави тендер за изработка на идеен проект за линијата 1 – трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче за брзиот автобуски превоз (БРТ). Есента 2020, пак, го потпиша Договорот за изработка на идејниот проект, и во моментов, велат оттаму, Градот наскоро треба да ја добие документацијата.
Проектот сè уште се изработува, но според тендерската документација, просечната должина на трасата треба да биде 12,81 километри, а проценките се дека приближниот број на патници кои ќе ја користат на дневно ниво е 65 000.

„Проектантот треба да предвиди дека сообраќајната лента за движење на возилата на БРТ во однос на останатиот моторизиран сообраќај треба да биде одвоена со посебни разграничувачи, со исклучок на крстосниците каде што треба да остане можност за мешање со останатиот моторен сообраќај. Да се направи анализа што ќе се случи зимно време при чистење на снег и во зависност од резултатите да се даде мислење дали поставувањето на разграничувачи е неопходно или ќе биде доволно да се постави хоризонтална сигнализација. Ако се постават разграничувачи, истите по потреба да можат да се дислоцираат“,
беа барањата во тендерот.
Исто така, трамвајот на тркала би требало да се движи во третата односно крајната лева сообраќајна лента, а доколку тоа не е можно, од проектантот кој во моментов го изработува проектот, се бара да одреди како тоа е најизводливо.
Во случај да е изводливо крајната лева лента од булеварите да биде наменета за БРТ, на средниот дел кој ги раздвојува двата правци би се поставиле и станиците за чекање.
„Предлогот на Градот Скопје е автобуските настрешници да се постават на средишното зеленило и истите да се користат за двете насоки на движење. Во зависност од водењето на трасата на БРТ, проектантот да има предвид отворен и/или затворен систем на организација на автобуските настрешници“,
пишуваше во тендерската документација.
Според анализите на Секторот за сообраќај на Град Скопје, кои беа наведени во документите, оддалеченоста помеѓу автобуските би била помеѓу 500 и 900 метри, би имало 21 станица и 2 терминали, а вкупното време кое би било потребно да се помине трасата Ѓорче Петров-Ново Лисиче е 35 минути.

Исто така, се предвидува затворање на строгиот центар на градот за сообраќај, односно делот кај „Рекорд“ каде би поминувале само возилата од јавниот превоз.
Дали и што би било променето од тоа што го пишуваше и се бараше со тендерската документација ќе биде познато кога ќе се заврши изработката на идејниот проект.
Идејата за нов концепт во градскиот превоз воопшто не е нова и не датира од мандатот на актуелниот градоначалник Петре Шилегов. Медиумските архиви откриваат дека најавите и ветувањата за трамвај во Скопје се провлекуваат со години односно од времето кога градоначалник беше Ристо Пенов, а потоа и Трифун Костовски и Коце Трајановски.