Во изминатите 24 часа потврден е рекорден број од речиси 402 000 новозаразени со коронавирус, болниците се пренатрупани со недостаток од лекови и кислород, а парковите и паркинзите се претворени во крематориуми
Во пожар во болница во индискиот град Бару загинаа 18 пациенти, а болничкиот персонал и пожарникарите спасија околу 50 лица, соопшти полицијата.
Пожарот избил во приземјето на болничката зграда и изгаснат е во рок од еден час, но причината за несреќата се уште не е позната.

Ситуацијата со пандемијата во Индија е катастрофална. Во изминатите 24 часа потврден е рекорден број од речиси 402 000 новозаразени со коронавирус, а премиерот на земјата Нарендра Моди оцени дека оваа пандемија претставува „криза која се случува еднаш во еден век“.
Крематориумите во Делхи се отворени 24 часа на ден.

Сликите во Индија се катаклизмични како најлошото сценарио за пандемијата од кое многумина стравуваа – без доволно болнички кревети, лекови и кислород. Земјата со 1,4 милијарди жители буквално попушта под тежината на кризата.
Полицијата во Њу Делхи побара од градските власти да најдат повеќе места за кремирање. Бројот на пациенти од почетокот на пандемијата е близу 19 милиони. Овој ненадеен скок ги изненади и политичарите и здравствените работници.
Индија е земја со огромна здравствена инфраструктура и најголем производител на вакцини, па дури и лекови во светот, земја која го надмина првиот бран релативно лесно, но оваа недела ги урнна сите црни рекорди. Меѓу другото, минатата година Индија извезуваше кислород и лекови за повеќе од милијарда долари, а денес сè соочува со недостаток.
Централната влада се соочува со растечки критики за односот кон пандемијата и за одобрување политички митинзи и верски фестивали.
Откако во јануари започна вакцинацијата во Индија, досега речиси 10 отсто од Индијците ја примиле првата доза од вакцина против ковид-19, а 1,5 проценти се ревакцинирани.
Индиските власти се соочуваат и со недоверба од експертите кои сметаат дека податоците што се пласираат во јавноста се нецелосни. Повеќе од 350 научници денеска потпишаа онлајн петиција, во која бараат од владата да објави податоци за тоа какви соеви на вируси се присутни во земјата, колку тестирања се спроведуваат, колку лица досега прележале ковид и каква е реакција на населението на вакцините.
Во петицијата се вели дека податоците за тестирањето не се достапни за невладините експерти, но исто така и за некои владини институции.
Поради исклучително тешката епидемиолошка ситуација, на Индија медицинска помош и испратија САД, Русија, Велика Британија, Сингапур, Дубаи и Банкок.