Средбата на Пендаровски со претставниците на македонската горанска заедница доаѓа пет дена по посетата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Косово, каде што таа се сретна со луѓе кои, како што беше презентирано во репортажа на Бугарската национална телевизија (БНТ), се со бугарска самосвест и бугарски идентитет
Во претседателскиот кабинет на Водно се разговарало и за „тековните предзвици и проблеми“ со кои се соочуваа заедницата на Македонци на Косово во афирмација на нивниот идентитет, „а кои се последица на дејствувањето на странски пропаганди“, пишува во соопштението по средбата
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претставниците на Македонската горанска заедница од Косово, Авнија Рахте и Аце Димовски. На средбата, како што соопштија од претседателскиот кабинет, се разговарало за активностите за унапредување на животните услови и права на заедницата.

„На средбата се разговараше за активностите на Македонската горанска заедница со цел унапредување на животните услови и правата на македонската заедница во Косово, зачувување на нивниот етнички, јазичен и културен идентитет, како и за заложбите за интеграцијата на Македонците во политичкиот систем и институциите на власта во Република Косово“,
пишува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
Порака на Пендаровски до Јотова?
Сепак, средбата во претседателскиот кабинет излегува од рамките на протоколарен настан ако внимателно се чита соопштението од кабинетот на Пендаровски. По поздравот од претседателот до гостите за нивното активно дејствување и институционалната соработка што ја остваруваат со косовските власти, може да се прочита порака што асоцира на реакција на информациите пласирани во јавноста по неодамнешната посета на бугарската потпретседателка на Косово.
Во последниот пасус на соопштението пишува:
„На средбата се разговараше и за тековните предизвици и проблеми со кои се соочува заедницата на Македонци во афирмација на нивниот идентитет, а кои се последица на дејствувањето на странски пропаганди“.
Иако не се споменуваат имиња, се чини извесно дека Пендаровски алудира на посетата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Косово, каде што таа се сретна со луѓе кои, како што беше презентирано во репортажа на Бугарската национална телевизија (БНТ), се со бугарска самосвест и бугарски идентитет.
Според местата каде што се одвиваше посетата на Јотова, лесно можеше да се види дека станува збор за областа Гора, односно просторот од косовската страна на Шар Планина па сè до Призрен, територија чиј најголем дел административно припаѓа на косовската општина Драгаш.
Оттаму, приемот на претставниците на горанската заедница од страна на претседателот Пендаровски може да се толкува како одговор на посетата на Јотова на областа каде што живее оваа заедница на Косово.
15 000 Бугари на Косово
Во репортажата на БНТ за посетата на Јотова на Косово се тврди дека на Косово има околу 15 000 жители со бугарска самосвест. Како доказ за таквото тврдење се наведува дека „така тврдат тамошни жители“. Овој став е поткрепен со изјава од претставник на организацијата „Обединети Бугари на Косово“, кој се среќава со Јотова во седиштето на организацијата во селото Крстац.
Доколку се консултира англиската верзија на „Википедија“, последните проценки на ОБСЕ се дека во општината Драгаш живеат околу 41 000 жители. Од нив, околу 23 000 се Албанци. Останатите 18 000 се водат како Горани и/или Бошњаци, но се забележува и дека на пописот во 2011 година како Бошњаци се изјасниле околу 4 000. Тоа би значело дека во општината има околу 14 000 Горани, што, пак, е цифра многу блиска до споменатите 15 000 Бугари на Косово во прилогот на БНТ.
Во репортажата на БНТ не се споменуваат ниту Гораните ниту Бошњаците, туку се говори само за Бугари.
„Очигледно има претставници на други етноси тука, кои не сакаат Бугарите да имаат свое самоопределување. Но, ние сме должни да вложиме напори тоа да се случи, како што со години наназад со заеднички напори и на сите нивоа, со европратениците успеавме да биде признаено бугарското малцинство во Албанија“,
вели Јотова во прилогот на БНТ.
При посетата, Јотова побара признавање на Бугарите во Косово од страна на Приштина, како и посебна графа на претстојниот попис. Кажа дека таа битка можеби ќе биде долга, но дека ако се работи здружено ќе успеат, исто како што успеале да го кренат статусот на Бугарите во Албанија.
„360 степени“ во септември 2022 направи репортажа од деловите на Албанија каде што луѓето етнички се изјаснуваат како Македонци. Локалците сведочеа дека Бугарија почнала да им помага со донации, како, на пример, со изградба на локален пат меѓу две села, за што се благодарни. Иако нема притисок врз населението, младите сè почесто ваделе бугарски пасоши – за работа или за образование во странство. И таму веќе има бугарски здруженија кои тврдат дека во Албанија нема Македонци, туку дека тоа се Бугари.