Важно, вели претседателот на ДИК, е кога граѓаните на избирачкото место ќе бидат прашани дали сакаат да гласаат и за претседателските и за парламентарните избори или само за едните од нив, да дадат прецизен одговор. Доколку се одлучат да гласаат само на едни, потоа не можат да се вратат и да гласаат на другите избори
На двојните избори – парламентарните и вториот круг од претседателските што треба да се одржат на 8 мај -граѓаните ќе можат само еднаш да дојдат на гласачкото место и да го остварат своето право на глас. Ова е изборното правило што ќе важи на изборниот ден идната среда.

Имено, Државната изборна комисија донесе упатство со кое на граѓаните со право на глас им се укажува дека ако гласаат само на едните избори, потоа во текот на денот доколку се премислат нема да можат да се вратат на гласачкото место и да гласаат на другите избори.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, во интервју за МИА детално ја објаснува постапката за гласање на двојните избори. Во овој контекст, тој потенцира дека на граѓаните треба да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори, но и право да одлучат дали ќе гласаат само за парламентарните или само за претседателските избори.
Ова, вели Дашевски, мора добро да се објасни бидејќи за претседателските избори има цензус, односно за да биде изберен претседател во вториот круг излезеноста треба да биде 40 отсто од вкупниот број запишани гласачи во единствениот избирачки список.
„Граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избори и кога ќе дојде постапката е следна: прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди да гласа“,
вели претседателот на ДИК.
Важно е, вели Даштевски, граѓаните кога на избирачкото место ќе бидат прашани дали сакаат да гласаат и за претседателските и за парламентарните избори или само за едните од нив, да дадат прецизен одговор бидејќи подоцна тоа нема да можат да го направат.
„Претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата, а може да се случи и само за парламентарните бидејќи знаеме дека излезеноста и интересот таму е многу поголем. Но не смее да се доведе човекот во заблуда бидејќи ако ве прашаат прво дали сте за едните, па за другите вие може да кажете па јас сум за парламентарни. Значи, треба добро да се објасни дали сте за претседателски, дали сте за парламентарните и дали сте за двата, за човекот да не помисли дека поважни му се едните од другите туку да знае дека има право да гласа и за двата избори и така да направиме и цензус“,
вели Даштевски.

Претседателот на ДИК вели дека резултатите од двојните избори би можеле да се знаат вечерта на 8 мај до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството од изминатите избори.
„Ние презедовме мерки на овие избори и тие мерки се состојат во зајакнување на хардверот за да може во исто време да прима повеќе информации, понатаму во обучување на повеќе луѓе на терен. Значи, сега беа обучени некаде околу 1 700 луѓе да внесуваат, обезбедивме за сите тие 1 700 лаптопи во соработка со Државниот завод за статистика“,
вели Даштевски во интервјуто.
Тој посочи и дека со цел да се забрза изборниот процес на избирачките места ќе има по седум наместо пет лица како претходно, а за броењето на резултатите да бидат присутни сите.
Првиот човек на ДИК ги повика граѓаните и на 8 мај да излезат мирно и достоинствено без притисоци да го дадат својот глас за онаа партија за која се одлучиле.
„Да покажеме дека сме на високо ниво на свеста и дека знаеме што е демократија и дека ја применуваме на дело“,
порача Даштевски.
На 8 мај ќе се одржат единаесеттите парламентарни избори, заедно со вториот круг од претседателските избори. Во вториот круг од битката за шеф на државата ќе се соочат кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, и актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на функцијата Стево Пендаровски, кој ја има поддршката на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“.
Во првиот круг од претседателските изборни што се одржа на 24 април, според податоците на ДИК, Силјановска-Давкова освои 363 086 или 40,08 од гласовите, додека за Пендаровски гласаа 180 500 граѓани или 19,92 отсто.
На парламентарните избори граѓаните ќе гласаат за нов состав на Собранието. Се избираат 120 пратеници според пропорционалниот модел. Се гласа во шест изборни единици, на колку што е поделена територијата на државата според Изборниот законик и од секоја се избираат по 20 пратеници.