На граничниот премин Деве Баир во текот на вчерашниот и денешниот ден влегле вкупно 300 македонски државјани и сите потпишале изјава за самоизолација, информираат од Полициската станица за гранична проверка и граничен надзор Регионален центар Исток.
Оттаму посочуваат дека во текот на вчерашниот ден и целото деноноќие преку Деве Баир влегле 250 наши државјани, а денеска до 14 часот дошле 50 наши граѓани.
Најавениот конвој што вчера се очекуваше да пристигне и околу 200 граѓани со автобуси да се сместат во карантин во „Пепелиште“, велат, не пристигнал. Единствено пристигнала група музичари жители на Битола и Струмица, кои допатувале од Австрија. Групата од десетмина луѓе е сместена во „Пепелиште“.
За ова на денешната прес-конференција во Владата говореше и министерот за надворешни работи Никола Димитров одговарајќи на новинарско прашање, зошто од најавените 200 лица пристигнале само 10.
„Имаше голема група на преминот Хоргош и врз основа на телефонска комуникација со граѓани направивме листа за да добиеме согласност да поминат преку Србија. Добивме алтернативно решение со согласност од Романија и Бугарија. Немавме присутен човек таму, туку врз основа на информации од граѓани кои се соочуваат со таква ситуација. Не беше организиран конвој со полициска придружба. Имаше неколку комбиња и автомобили кои индивидуално патувале. Тешко е да се претпостави бројката и таа можеме да ја добиеме врз основа на граничниот премин Деве Баир. Правиме споредба врз основа на влезот и она што ни беше јавено за Хоргош“,
рече Димитров.
Од ПС за гранична проверка РЦ Исток информираат дека сите граѓани кои влегуваат во државата се анкетирани од страна на епидемиолошка служба, им се врши проверка на температура и сите задолжително пополнуваат изјава за самоизолација од 14 дена.