Прашан за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во Вашингтон, на првата средба со раководството на „Бехтел и Енка“, молел да не бараат исплата на пенали во износ од сто милиони евра, Трајановски рече дека тие пенали ги затекле, но дека тој проблем ќе биде решен

На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој гради четири автопатски делници во земјава, досега му се исплатени вкупно 247 милиони евра, објави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Трајановски рече дека до моментот кога стапил на должноста (3 јули 2024 г.) кон „Бехтел и Енка“ биле исплатени околу 227 милиони евра.
Од јуни досега, според Трајановски, конзорциумот има завршена работа од околу 40 милиони евра, од кои половината им се платени, а половина се во фаза на плаќање.
Прашан за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во Вашингтон, на првата средба со раководството на „Бехтел и Енка“, молел да не бараат исплата на пенали во износ од сто милиони евра, Трајановски рече дека тие пенали ги затекле, но дека тој проблем ќе биде решен.
„Тие имаат месечни ануитети што им ги плаќаме поради тоа што имаат ангажирано луѓе, мобилизирано луѓе, имаат ангажирано механизација која не е во функција. Така што, имаме месечен износ во милиони евра што им плаќаме на ’Бехтел и Енка’ поради неработење“,
рече тој.
На констатацијата дека трансакциите на ова јавно претпријатие не се гледаат на алатката „Отворени финансии“ и прашањето дали Трајановски може да направи нешто за јавноста да ги следи, тој одговори:
„Јавното претпријатие за државни патишта не е буџетски корисник. Нашите трансакции не се извршуваат преку трезорот. Според тоа, финансиските извештаи на ЈП за државни патишта се јавно достапни. Меѓутоа, сепак тоа не оди преку трезорот и не е ист начинот на давањето на тие извештаи како што се министерствата, оние што се трезорски корисници“.
Тој рече дека сумите што им се исплаќаат на „Бехтел и Енка“ не се кријат и дека се јавно достапни.
„Тоа се завршени работи со ситуации и со сето останато. Независно од големината на трансакцијата, има процедури законски, која институција како треба да ги прикажува своите трансакции. Така што, јавните претпријатија, бидејќи не се буџетски корисници и бидејќи не плаќаат преку трезорот, не ги прикажуваме. Инаку, ги прикажуваме во извештаите, квартални извештаи, годишни извештаи што ги доставуваме. Тие се јавно достапни на нашата страница. Така што, не мора да се каже – е сега плативме 20 милиони евра. Тие во кварталниот извештај ќе бидат достапни“,
вели тој.
