Според претседателката, во демократски политички систем мора да се слуша гласот на работникот, да се почитува синдикалното организирање и правото на штрајк, но и да се негува социјален дијалог
Први мај е денот кога работниците и синдикатите со право протестираат за повисоки плати и пошироки права, потенцирајќи го социјалниот карактер на македонската држава, се вели во пораката што ја испрати претседателката Гордана Силјановска-Давкова до граѓаните и работниците по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.

„Први мај е и вистинскиот ден кога ние, носителите на власта треба да се запрашаме дали и како се остварува правото на работа, дали секој има слободен избор на вработување, дали вработените се заштитени при вработувањето, дали се соодветно материјално обезбедени при невработеност, дали секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, дали заработувачката е соодветна на трудот, дали секој вработен има право на дневен, неделен и годишен одмор, како и дали се почитуваат колективните договори“,
вели таа.
Пред нас, според претседателката, се многу проблеми и дилеми што треба да се надминат.
„Социјалната правда нее смее да се применува селективно, ниту да се перцепира како недостижен идеал. Таа е невозможна без соодветно вреднување на човековиот труд и без уважување на работничкото достоинство. Тоа подразбира правична плата, квалитетни услови за работа, безбедност и сигурност во работењето, можност за наградување и напредување“,
се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Според претседателката, во демократски политички систем мора да се слуша гласот на работникот, да се почитува синдикалното организирање и правото на штрајк, но и да се негува социјален дијалог.
„Убедена сум дека само задоволниот работник може да биде продуктивен, ефикасен и ефективен. Да го чуваме и да вложуваме во нашиот највреден ресурс – човекот“,
порача Силјановска-Давкова по повод 1 Мај.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска одржа протест, со маршрута на движење од Работничкиот дом во Скопје, преку Собранието и Стопанската комора до Владата.
Од ССМ, бараат минималната плата да биде 500 евра, а сите други плати да се зголемат за 100 евра, како и да се почитуваат колективните договори и работничките права.