На сајтот vakcinacija.mk може да се закажуваат термини за вакцинирање на деца од 12 до 16 години, потсетува Министерството за здравство и апелира граѓаните масовно да се вакцинираат
Процест на имунизација се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, велат од Министерството за здравство.
Од таму информираат дека на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 428 081 граѓанин. Прва доза вакцина вчера примиле 6.413 граѓани, а во текот на денот вкупно се вакцинирале 9.335 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 676.620 дози вакцини, а ревакцинирани се 248 539 граѓани.
Со последните бројки 56% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 53% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 49% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Од Министерството велат дека голем е интересот за вакцинација без закажан термин и потсетуваат дека сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување термини за вакцинирање на деца од 12 до 16 години.
„Со прва доза и без закажан термин се вакцинираат возрасни лица што сакаат да се вакцинираат, во пунктовите во Здравствените домови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје“,
информираат од Министерството.