„Состојбата со респираторнио-синцицискиот вирус (РСВ) е стабилна, нема зголемување на бројот на новозаболени и хоспитализации, а болничките капацитети ги задоволуваат потребите за укажување здравствена грижа за децата со симптоми“, велат од МЗ
Стабилна е состојбата со коронавирусот и со респираторно-синцицискиот вирус во земјава, информираат од Министерството за здравство (МЗ) по денешниот состанок на Комисијата за заразни болести на кој биле разгледани актуелните состојби со заразните заболувања во земјава.
„Состојбата со респираторно-синцицискиот вирус (РСВ) е стабилна, нема зголемување на бројот на новозаболени и хоспитализации, а болничките капацитети ги задоволуваат потребите за укажување здравствена грижа за децата со симптоми“,
велат од МЗ.
Од Министерството додаваат оти е стабилна и состојбата со коронавирусот, а актуелните антиковид-мерки како што се носење маска во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица и лица со посебни потреби одговараат на моменталната епидемиолошка состојба и тие ќе продолжат да важат и во иднина.
„Комисијата и понатаму ја следи состојбата со заразните заболувања во нашата држава и доколку има потреба од нови препораки за тоа навремено ќе информира“,
се додава во соопштението од Министерството.
Инаку, Министерството за здравство неодамна престана да ги објавува дневните ковид-билтени во кои се информираше за бројот на заразени, хоспитализирани и починати лица од ковид-19 во земјава.
На 7 ноември беше објавен последниот неделен ковид-извештај за периодот од 31 октомври до 6 ноември.