За три недели, речиси 2 300 здравствени работници, медицински сестри и лекари од јавните здравствени установи во земјава, поминале онлајн-тренинзи за справување со ковид-19, информира Министерството за здравство.
Тренингот кој е во организација на проектот „Хоуп“, заедно со Универзитетот „Браун“ од САД, како што велат, е базиран на препораките на СЗО за справување со ширењето на болеста и заштитата на здравствените работници.
„Со оглед на фактот дека голем дел од здравствени работници во светот, за жал, се заболени со ковид-19, идејата на тренингот беше период од три недели да опфати значителен број на здравствени работници од сите сегменти на здравствениот систем, со цел да се усвојат единствени заштити мерки за медицинскиот персонал и истовремено да се даде адекватна нега во делот на превенција и ширење на инфекцијата и контрола на ситуацијата. Целта на едукацијата беше да се се утврдат протоколи за стабилизација на болните и првична ресуситација, дијагноза и менаџмент на ситуацијата, скрининг и тријажа, како и утврдување на капацитетите на здравствениот систем и негов развој“
соопшти Министерството за здравство.
Во правата фаза, како што информира Министерството, онлајн-тренингот започна со клиниките од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ .
Во втората фаза беа опфатени ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, Специјалната болница Чаир, психијатриските болници, геријатриските центри, трите клинички болници Тетово, Битола и Штип, како и сите општи болници во сите градови во земјава, потоа здравствените домови, институтите за јавно здравје и специјалните болници.