Министерството за здравство вели дека донираните вакцини од Бугарија се со рок до 30 септември, но со динамиката на вакцинација тие ќе бидат искористени далеку пред да им истече рокот
Околу 30 илјади дози од вкупно 51 480 од вакцините на производителот „Фајзер“ што ни ги донираше соседна Бугарија се веќе распределени на вакциналните пунктови низ земјава.
Донацијата пристигнала вчера околу 21 часот и, како што информира Министерството за здравство, дел се веднаш дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум земјата, со цел да се обезбеди непречен процес на имунизација на населението.
Министерството додава дека вакцините се со рок до 30 септември, но дека со динамиката на вакцинација тие ќе бидат искористени далеку пред да им заврши рокот.
„Иако рокот на важност на вакцините е до 30 септември, со постоечката дневна динамика на вакцинација, донираните вакцини ќе бидат употребени далеку пред истекување на овој рок. Благодарност до Владата на Република Бугарија за оваа донација, која претставува гест на солидарност и уште една потврда за успешната соработка меѓу институциите на двете земји во справување со ковид-кризата“,
велат од Министерството за здравство.
Препорачаната возраст за имунизација со вакцината „Фајзер/Бионтек“ е над 12 години.
„Вакцинацијата во земјава се одвива непречено, на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. Вакцините се безбедни и ефикасни и претставуваат единствен начин да се победи пандемијата. Само со целосна вакцинација се намалува шансата од заболување, се спречува тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход“,
велат од Министерството за здравство.