Српските безбедносни служби на 14 јануари со назнака „итно“, преку Европол, добиле информација од земја членка на ЕУ дека организирана криминална група на чело со Радоје Звицер, планирала атентат врз Александар Вучиќ. Звицер е познат како водач на „кавачкиот клан“ и по него е распишана потерница
Министерството за внатрешни работи ги демантира обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека му е издаден македонски пасош на Радоје Звицер кој се посочува како лице кое планирало да изврши атентат врз српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите пласирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека на извесен Радоје Звицер, му бил издаден македонски пасош. Потсетуваме и дека случајот ‘Двојник’ е расчистен и за тоа веќе се изречени и судски пресуди, а сите патни исправи поврзани со оваа истрага се поништени во управна постапка и истите не се валидни односно не можат да се користат“,
стои во реакцијата од МВР.
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека МВР издавале пасоши на разни мафијаши, меѓу кои е и Звицер.
„ВМРО-ДПМНЕ во рамки на обелоденувањето на аферата „мафија“ пред помалку од една година откри дека на списокот мафијаши и криминалци кому Спасовски им издал легален македонски пасош но под друго име е токму атентаторот на Вучиќ, Радоје Звицер“,
соопштија од партијата на Мицкоски.
Вчера, министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, соопшти дека српските безбедносни служби на 14 јануари со назнака „итно“, преку Европол, добиле информација од земја членка на ЕУ дека организирана криминална група на чело со Радоје Звицер, планирала атентат врз Александар Вучиќ. Звицер е познат како водач на „кавачкиот клан“ и по него е распишана потерница.