Во новата секција на веб-страницата на МВР наречена „Поднеси барање за термин“ граѓаните ги внесуваат матичниот број, телефонот за контакт и избираат за кој документ би сакале да закажат термин, а откако ќе го испратат барањето ќе бидат исконтактирани од операторите во повикувачкиот центар, информираат од Министерството
Граѓаните на земјава, кои сè уште не аплицирале за замена на личните документи со новото уставно име, од денеска ќе можат да го направат тоа електронски преку веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството информираа дека од вчера е воведена нова секција на веб-страницата https://termin.mvr.gov.mk/ чија цел е, како што велат, да се забрза процесот за закажување термин за фотографирање за лични документи.
До оваа секција директно може да се пристапи преку линкот: https://termin.mvr.gov.mk/Call_Request
„Во оваа секција наречена ‘Поднеси барање за термин’ граѓаните ги внесуваат својот матичен број, телефон за контакт и избираат за кој документ би сакале да закажат термин“,
се наведува во соопштението на Министерството.
Откако ќе го испратат барањето, појаснуваат од МВР, операторите од повикувачкиот центар ќе ги исконтактираат граѓаните на наведениот телефон за контакт за да го опслужат нивното барање во најкус може рок.
Неодамна Министерството за внатрешни работи на својата веб-страница воведе и онлајн алатка преку која граѓаните можат да проверат дали им се изготвени личните документи.
Замената на личните документи изминатиот период е во фокусот на јавноста, особено кога станува збор за пасошите, откако на 12 февруари истече рокот до кој граѓаните требаше патните исправи со старото уставно име – Република Македонија да ги заменат со нови со името Република Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор.
Вчера во Собранието мнозинството пратеници гласаа „против“ по итна постапка да се расправа за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ проблемот со замената на патните исправи да се реши со продолжување на рокот на важност на старите исправи до крајот на годината, како што тоа претходно беше направено со возачите дозволи.
Мнозинството предводено од СДСМ смета дека настаната ситуација може да се реши со забрзување на динамиката на издавање нови пасоши преку набавка на повеќе обрасци.
