Осомничениот за убиство и бегство од психијатриска болница со иницијали Л. М. (41), кој бил вооружен со автоматска пушка, пружил отпор и не постапил по дадените наредби на полициските службеници, туку автоматската пушка ја репетирал и вперил кон нив, по што го застрелале
Полицијата синоќа во тетовското село Гајре го застрелала 41-годишниот Л. М. Тој е осомничен за кривично дело убиство сторено на 5 јули годинава, а бил баран и поради бегство од психијатриската болница „Бардовци“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, синоќа околу 22 часот припадници на Одделот за специјални полициски операции, по претходно добиени оперативни сознанија дека Л. М. се наоѓа во Гајре, трганеле да го уапсат. Но, во една од куќите во кои се вршеле претреси, осомничениот ги пречекал со пушка.
„По претходно обезбедени наредби за претрес во три куќи во Гајре, при преземање мерки за претрес на куќа сопственост на З. М., затекнат е Л. М. кој бил вооружен со автоматска пушка, пружил отпор и не постапил по дадените наредби на полициските службеници, туку автоматската пушка ја репетирал и вперил кон полициските службеници, по што било пукано од страна на полициските службеници“,
соопшти МВР.
Како што соопшти полицијата, откако Л. М. бил застрелан, побарана е медицинска помош, а лекар констатирал смрт. За настанот бил известен и јавен обвинител.
„Кај Л. М. бил пронајден и пиштол и рамки за автоматска пушка и куршуми. Околу 22:50 часот Л. М. починал, а смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото на настанот извршија полициски екипи, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е пренесено во одделот за судска медицина во Клиничка болница во Тетово за обдукција“,
вели полицијата.
Инаку, се работи за лице по кое е распишана потерница по убиството на 5 јули кога во Тетово на улицата „Штипска“ беше убиен 40-годишен маж. Полицијата се сомнева дека зад убиството стои бегалецот кој синоќа беше застрелан во Гајре.
Според извештајот на полицијата, на 5 јули годинава во СВР Тетово е пријавено дека на улица „Штипска“ едно лице, кое било со возило „мерцедес“, пукало кон возило „БМВ“ во кое било лице со иницијали Р. Т., кое од добиените повреди починало.
Повеќе медиуми што известуваат на албански јазик тогаш објавија дека станува збор за продолжение на стара пресметка меѓу две групи и дека убиството е поврзано со пукањето во тетовската болница пред неколку месеци кога исто така имаше настрадани.