Министерството за внатрешни работи ги демантира денешните тврдења на ВМРО-ДПМНЕ за наводна тешка кражба во Јавното претпријатие Дрисла од каде, како што соопшти претходно опозициската партија. Според МВР не се изнесувало бакар , туку на камион се истоварале шут и смет од Зоолошката градина.
„По добиена пријава дека денеска од депонијата во Дрисла се изнесува голема количина на бакар, од страна на полициски службеници од ЕВР Аеродром и Драчево, ЕИК, ЕВР Карпош и ЕИП, веднаш се преземени мерки и активности, при што е извршен разговор со раководни лица и вработени во депонијата и во Комуналното претпријатие на град Скопје. Притоа е констатирано дека во Дрисла нема бакар, а со товарно возило камион од Комуналното претпријатие на град Скопје најпрво во Дрисла биле истоварени шут и смет од Зоолошката градина во Скопје, кои биле исфрлени во депонијата, а на враќање, по извршен ископ на земјиште со багер, во истото возило била натоварена земја наменета за Зоолошка градина и донесена до неа“.
реагира МВР.
Според нив, со пласирањето на вакви лажни вести, ВМРО ДПМНЕ продолжува да ги доведува во заблуда граѓаните на Северна Македонија, а своите внатрепартиски игри да ги става над точното информирање на јавноста, притоа, нагласуваат, обидувајќи се да наштети не само на угледот на институцијата, туку и на работењето на полицијата како гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно соопштија дека според нивни основани сомневања и информации во ЈЈП Дрисла се врши тешка кражба на бакар кој се изнесува под ставката отпадно железо. Од партијата на Христијан Мицкоски ја обвинија градоначалничката на Скопје дека е запознаена за овие активности на градските претпријатија , но ги премолчува во договор со централната власт.
Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ ги негираа и од Град Скопје, од каде побараа извинување, како што рекоа, за изнесената лага. Во спротивно најавија тужба.
„ЈП Дрисла за само девет месеци раководство на директорот на Мицкоски, е оставено со долг од 100 милиони демари, а во истиот период во претпријатието ангажирале без срам нови 30 лица без никакви критериуми. Ако од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да зборуваат за грабеж во претпријатието, тогаш, резултатите од ревизијата на работењето на нивниот директор ќе бидат јавно достапни и со можност за соодветна пријава“
велат од Град Скопје.