Синоќа, околу 21:30 часот, полицајци упаднале на роденденска забава во стан во Скопје, кој бил во сопственост на правно лице. При претресот биле најдени повеќе пакувања со кокаин, марихуана, екстази, амфетамини, хашишово масло и друга дрога.
МВР објави и неколку фотографии од претресот, што е реткост по смената на власта во 2017 година.
По претресот, во полициска станица завршиле вкупно 13 лица од забавата. Славениците биле на возраст од 22 до 31 година.
„Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за недозволена трговија со дрога и СВР Скопје синоќа околу 21:30 часот извршија претрес на дом, по претходно обезбедена наредба од Основниот кривичен суд Скопје во стан во центарот на Скопје, сопственост на правно лице. При претресот се затекнати 13 лица кои присуствувале на роденденска забава, а пронајдени се повеќе пакувања со кокаин, марихуана, екстази, амфетамин, хашишово масло и друга дрога. Приведени се М.К. (22), В.А. (28), М.И. (28), С.Г. (23), Р.Ј. (22), Р.В. (31), Г.А. (23), Н.К. (22), П.Г. (27), М.И. (21), Н.Ш. (23), Т.П. (22) и В.М. (23). Дел од лицата биле и затекнати додека консумирале наркотични средства, информираат од МВР.
МВР најавува дека против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави до надлежното обвинителство.