При разговорот, извршен во присуство на родител, инспектор за малолетничка деликвенција од СВР Скопје и адвокат, малолетниците, како што информираат од МВР, го признале и појасниле начинот на кој извршиле делото
Двајца малолетници од Скопје во втората половина на месецов во два наврати од своите мобилни телефони преку електронска пошта испратиле лажни закани за наводно поставени бомби во училишта во главниот град, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Малолетниците, и двајцата на возраст од 14 години, првата лажна дојава, како што информираат од полицијата, ја испратиле на 19 февруари од мобилниот телефон на едниот од нив. Содржината на мејлот била дека во две училишта во Скопје, едно основно и едно средно, е поставена бомба.
Закана за поставена бомба, исто така во две училишта, малолетниците испратиле и два дена подоцна, односно на 21 февруари, овојпат од мобилниот телефон на другиот од нив.
Екипи на Единицата за откривање и демонтирање експлозивни средства и направи при Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам (СБПТНЕР) по пријавите за добиените закани, извршиле антитерористичка проверка во училиштата, по која било утврдено дека станува збор за лажни пријави за поставени експлозивни направи.
„По преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал, утврдено е ИМЕИ на мобилниот уред користен од страна на корисничкиот имејл од каде се пратени пораките, а кое ИМЕИ било поврзано до услугите на Гугл (Google) на 21.02.2025 од Ај-Пи адреса од телекомуникациски оператор од Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението од МВР.
По извршени дополнителни проверки од страна на Секторот за антитероризам на МВР бил утврден и идентитетот на двајцата малолетници, кои во вторникот на 25 февруари биле повикани на разговор во полициската страница „Чаир“.
При разговорот, извршен во присуство на родител, инспектор за малолетничка деликвенција од СВР Скопје и адвокат, малолетниците, како што информираат од МВР, го признале и го појасниле начинот на кој извршиле делото.
„По извршениот службен разговор, со цел обезбедување на докази, со потврда за привремено одземени предмети од нивните родители се одземени два мобилни телефони со СИМ-картички, кои ги користеле пријавените малолетни лица“, велат од МВР.
Оттаму информираат дека Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ќе поднесе известување, врз основа на кое двајца 14-годишни малолетници од Скопје, ќе бидат пријавени за случајот.
Инаку, случајот со двајцата малолетници, како што може да се заклучи од соопштението на МВР, не е поврзан со оној од 7 февруари кога поголем број училишта на целата територија на државата добија заканувачки мејл-пораки за поставени експлозивни направи, кои по извршените проверки од полицијата беше утврдено дека се лажни.
Тогаш од МВР соопштија дека тој ден до училиштата стигнале над 240 лажни дојави за наводно поставани бомби.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ емитувано на 10 февруари, рече дека дојавите за бомби кои беа упатени до училиштата во земјава три дена претходно, биле испратени од привремени мејлови кои се бришат само еден час по испраќањето на заканувачките пораки.
Тошковски не сакаше да открие дали овие хибридни закани доаѓаат од дома или од надвор, но рече дека случајот го поврзуваат со дојавите што се случија во други земји во регионот како Хрватска и Унгарија.