Во пресрет на фудбалскиот натпревар помеѓу нашата национална репрезентација и репрезентацијата на Косово, кој ќе се одигра на 8 октомври на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во рамки на Лигата на нации, МВР соопшти дека се преземени сите потребни безбедносни здравствени мерки за негова организација.
„Преземени се сите мерки и активности за гарантирање на безбедноста на фудбалерите и другите учесници од пристигнувањето во Скопје за време на натпреварот и по одигрување на мечот. Во соработка со здравствените власти се преземени сите потребни мерки за почитување на протоколите за заштита од ширење на ковид-19“,
соопштија од МВР.
Согласно препораките на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и одлуките на Владата, на натпреварот нема да има публика, а МВР апелира граѓаните да не се организираат за заедничко следење на натпреварот.
Исто така, од МВР упатуваат апел и до навивачките групи да не го нарушуваат јавниот ред и мир бидејќи инциденти, употреба на говор на омраза или други нарушувања на јавниот ред и мир најстрого ќе се санкционираат.