Од ресорот кој го води Панче Тошковски, во одговор на прашањата на „360 степени“, велат и дека предметот е предаден во надлежност на ОЈО Скопје
„360 степени“ пред четири дена објави дека компанијата „Јулија КО.“ од Пловдив, Бугарија, во која шефот на АНБ тврди дека се стекнал со ТОЕФЛ-сертификат во 2022 година, не пријавила деловна активност во бугарскиот Трговски регистар од 2017 година па наваму
Министерството за внатрешни работи (МВР) отворило постапка за ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, за првпат недвосмислено тврдат од полицијата. Ваквиот став е содржан во одговорот што го добивме од МВР, на прашања кои ги поставивме пред околу 10 дена.
Конкретно, по сомнежите во јавноста за валидноста на документот доказ за познавање на англиски јазик за кој Христовски тврди дека го стекнал во училиштето „Јулија КО.“ во Пловдив, Бугарија, од МВР велат:
„Ве известуваме дека од страна на Министерството за внатрешни работи оформен е предмет кој е предаден во надлежност на ОЈО Скопје за понатамошно постапување. Од таа причина Ве молиме за дополнителни прашања да се обратите до надлежното ЈО“.
Десет дена претходно…
Прашањата на кои стигна горецитираниот одговор ги испративме до полицијата на 28 октомври. Немаше едно, туку шест. Последното прашање беше директно за постапувањето на полицијата во врска со сертификатот на Христовски, но другите не. Беа за случаите кои МВР ги открило од почетокот на годинава, а кои се поврзани со лажни ТОЕФЛ-сертификати.
Имено, МВР од почетокот на годинава има поднесено кривични пријави против најмалку тројца функционери, поради основи на сомнение дека приложиле фалсификувани сертификати од Пловдив, Бугарија. Токму од Пловдив е и училиштето „Јулија КО.“. Откривме дека за две лица, директорка на училиште во Драчево и директорка на болница во Дебар, има и судска пресуда. На почетокот на октомври тие признале вина, а судот решил да им досуди две години затвор – казна која нема да се изврши доколку не сторат ново кривично дело во следните четири години.
Па, нашите прашања до МВР беа – како во вакви случаи утврдуваат дали сертификатот е фалсификат? Дали соработуваат со бугарската полиција? Дали во тие случаи биле користени фалсификувани сертификати од „Јулија КО.“ од Пловдив. Додека да стигне одговорот, дел од тие прашања добија одговор. Главно, дека сите сертификати потекнуваат од „Јулија КО.“ и дека годината на издавање на сертификатот на осудените директорки е истата наведена на сертификатот на шефот на АНБ, Бојан Христовски.
500 функционери
Сите познати случаи со „Јулија КО.“ од Пловдив кои завршиле со кривична пријава биле производ на работата на служби во МВР. Но, не може да се каже дела полицијата ја имаше иницијативата кога требаше да се проверува Христовски. Додека се чекаше одговор од МВР, Јавното обвинителство веќе отвори постапка за сертификатот. Тие, првично, велеа дека нема да постапуваат веднаш бидејќи целата документација на шефот на АНБ е кај Државната комисија за спречување на корупцијата, а со ДКСК имале и меморандум да не прават двојно постапување во вакви случаи. Но, на крај, отворија постапка бидејќи им стигнале две анономни кривични пријави.
На почетокот на неделава, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се појави на настан посветен на безбедноста на новинарите. Неизбежни беа прашањата за случајот со шефот на АНБ.
Но, наместо директен одговор за Христовски, Тошковски најави проверка на документите на 500 функционери.
Тошковски: Ви благодарам на прашањато. Ова е една од темите што во јавност е повеќе од десет дена. Да, МВР во рамки на своите дејствија согласно закон, ќе ги провери досега добиени информации за едно 500 функционери кои во минатото и дел во сегашноста, а за кои постојат индиции дека сториле нешто коешто нели цениме дека не е во согласност со законските одредби.
360: Во смисла на сертификат за јазик?
Тошковски: Во смисла на соодветни докази што не соодвествуваат со потребни законски процедури утврдени согласно закон.
360: Дали ова значи дека меѓу тие 500 е и сертификатот на Бојан Христовски и дали ќе го проверите?
Тошковски: Министерството ќе постапува како што постапува и во изминатиот период, професионално и неселективно за сите оние за кои постојат индиции дека сториле или не сториле во рамки на законски прописи она што требало или не требало да го сторат.
Па, „360 степени“ се обрати до јавното обвинителство со нови прашања. Прво, дали до нив стигнал предметот кој МВР го отворил за Бојан Христовски?
„До овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е доставена пријава или известување по однос на овој случај. Во конкретниот предмет обвинителството постапува по поднесени две анонимни пријави и води предистражна постапка, но со оглед на фазата во моментов не е во можност да споделува детали за преземените дејствија“,
ни одговорија од Обвинителството.
Бидејќи не е првпат долго да патува документација меѓу институциите, останува да провериме повторно за неколку дена. Истото ќе важи и за нашето второ прашање – дали и колку предмети или пријави примиле од Јавното обвинителство, за најавените 500 случаи од страна на министерот Тошковски.
„Јавните обвинителства, согласно месна надлежност, постапуваат по сите поднесени пријави со сомнежи за фалсификување или употреба на исправи со невистинити содржини, меѓутоа таквите предмети не се издвојуваат во посебна статистика по однос на тоа каде и за каква функција била употребена исправата. Информацијата дали и колку такви пријави се поднесени и до кои обвинителства, Ве упатуваме да ја побарате од Министерството за внатрешни работи како подносител“,
ни соопштија од Јавното обвинителство.
Ниту има училиште, ниту приходи
За сертификатот на директорот на АНБ не се потпиравме само на институциите. Бевме самите во Пловдив да го бараме толку популарниот центар за ТОЕФЛ-сертификати меѓу македонските функционери. А преку интернет, ја проверивме документацијата на „Јулија КО.“ во бугарскиот трговски регистар.
Во Пловдив, јсџично училиште „Јулија КО.“ не најдовме. Не ги најдовме ниту газдите. На адресите каде им се регистрирани фирмите имаше други бизниси, од каде ни кажаа дека сопствениците на „Јулија КО.“ се отселени во Грција. Некои ни кажаа дека се преселиле пред некоклу месеци, но други – дека си заминале пред пет-шест години. Во едно од училиштата за странски јазици во градот ни кажаа дека првпат слушаа за училиште „Јулија“. Во Пловдив, велеа, ТОЕФЛ се полагало само во едно фирмата „Класик“.
Проверките во бугарскиот стопански регистар уште повеќе не доближија до заклучокот дека „Јулија КО.“, барем во последниве години, не е можно да издавала ТОЕФЛ-сертификати. Едноставно е – на средината на 2020 година сосопственичката и директорка Јулија Иванова Тодорова поднела Изјава (Декларација) дека фирмата не и остварила приходи во текот на 2019 година. Исти изјави (декларации) се поднесени и за претходните две години.
По оваа декларација од 2020 година, „Јулија КО“ нема поднесено ниту годишна сметка во која ќе прикаже приходи ниту, пак, изјава (декларација) дека нема приходи. Според измените во бугарскиот Закон за сметководство, кои стапиле во сила на 1 јануари 2020 година, ако некоја компанија има поднесено изјава (декларација) дека нема приходи од 2020 година па наваму, а во следниот период нема остварено приходи, нема потреба секоја година да поднесува нова изјава (декларација) дека нема деловна активност.
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, во својата биографија тврди дека полагал и добил ТОЕФЛ-сертификат од „Јулија КО“ во 2022 г., една од годините за кои компанијата не пријавува дека има приходи, односно ја користи декларацијата од 2020 г. дека нема остварено приходи во меѓувреме.
„Јулија КО“ ја нема и на македонската листа
Дека сертификатот на директорот на АНБ издаден од „Јулија КО“ е со сомнителна вистинитост покажува уште една околност. При гостувањето на „360 степени“ на 24 октомври 2024 година, директорот Бојан Христовски ја даде следната изјава:
„Одговорно тврдам дека ги исполнувам сите законски услови за именување на оваа позиција. Имам сертификат за англиски јазик како што е и наведен во биографијата на Факултетот за безбедност…“
„360 степени“: Може ли да ве прашам за ТОЕФЛ-сертификатот – зошто во Пловдив сте полагале, а не во Скопје?
„После ова интервју, доколку сакате, сметате и имате потреба од тоа, ќе ви дадам документ којшто е издаден во 2019-тата година од, како регулатива од претходната власт, за административно тестирање на вработните во државната администрација којшто точно покажува кој вид на тест од трите светски јазици којшто се говорат и се потребни во држава, кој вид на тест и во која држава и во кој град може да се полага… тој тест е положен во 2022 година, а не сега и беше најбрз начин како да дојдам до таа диплома бидејќи таму имаше отворен термин“,
одговори Бојан Христовски во неодамнешното интервју за „360 степени“.
Тој алудираше на тоа дека државата има документ на ентитети и тестови кои може да се полагаат за да се докаже познавање на странски јазик и дека неговиот сертификат е во согласност со тој државен документ донесен во 2019 година.
„360 степени“ дојде до „Упатство за спроведување на фаза 1 – административна селекција во делот на проверка на поседување на меѓународно признати сертификати за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во Европската Унија“ од декември 2019 г. Во документот има листа на признаени тестови и испитни центри во земјава и регионот.
Го има и Пловдив, но единствениот овластен испитен центар е друго правно лице кое нема никаква врска со „Јулија КО“. Станува збор за приватното училиште „Класик“.