Во главно, посебен сообраќаен режим ќе биде воведен на улиците околу Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, но и околу црквите во населбите Аеродром и Ѓорче Петров
Поради верскиот празник Велигден и зголемената посета на верските објекти, од денеска попладне ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје, но и во општините Аеродром и Ѓорче Петров, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Од 18 часот во центарот на Скопје ќе бидат затворени булеварот ‘Партизански одреди‘, од крстосницата со улицата ‘Франклин Рузвелт‘ до таа со булеварот ‘ВМРО‘, потоа ‘Свети Климент Охридски‘ од крстосницата со булевар ‘Илинден‘ до таа со улицата ‘Димитрие Чуповски‘ и улицата ‘Митрополит Теодосиј Гологанов‘ од крстосницата со улицата ‘9 Мај‘ до кружната крстосница со улицата ‘Свети Кирил и Методиј‘“,
се вели во соопштението од полицијата.
На автобусите што минуваат преку мостот „Гоце Делчев“ по потреба ќе им се менува трасата на движење.
Нивното движење ќе биде насочено по булеварот „Илинден“ и преку улицата „Франклин Рузвелт“, од каде ќе се вклучат на булеварот „Партизански одреди“.
Автобусите што минуваат низ центарот на градот ќе се движат по улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов‘, па преку „Франклин Рузвелт“ своето движење ќе го продолжат по булеварот „Партизански одреди“.
И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во Ѓорче Петров по потреба ќе се затвори улицата „Македонска војска“ пред црквата „Свети петар и Павле“, кај крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“.
Во Аеродром, пак ќе се затвори локалниот пат кон селото Лисиче.
Како што информираат од МВР, по потреба ќе се затвораат и други сообраќајници што гравитираат околу верските објекти.