Пецаков доби кривична пријави за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, и уште едно лице добија кривични пријави затоа што по направен тест за ковид-19 не седеле во изолација туку присуствувале на манифестацијата организирана за Водици.
„Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, СВР Охрид до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против К.П.(37) и А.К.(37), двајцата од Охрид. Пријавените, на 19.01.2022 година се тестирале за дијагностицирање на коронавирус и, наместо во самоизолација, согласно одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, истиот ден, присуствувале на јавната верска манифестација по повод верскиот празник Богојавление – Водици 2022 година одржана во Охрид“,
информираа од МВР.
Околу ова прашање изминатите денови имаше чести обвинувања помеѓу власта и опозицијата, а се огласи и самиот Пецаков. Раскажувајќи ја својата страна, тој обвини дека е цел на „владина хајка“. Тврдеше дека немал никакви симптоми туку на Водици утрото се тестирал во Центарот за јавно здравје – Охрид бидејќи тестот му требал како потврда за патување.
„Нормално не бев во изолација, затоа што, што би се случило доколку илјадници луѓе, поради потребата за патување во странство, би се изолирале чекајќи резултати. Секако, не постои ниту еден пример кој се изолирал додека чекал резултати на ПЦР – тест за странство, така што јас во текот на тој ден бев со охриѓани кои го славеа големиот христијански празник. Истиот ден, околу 17 часот(а го прочитав подоцна) добив известување кое кажуваше дека имам позитивен тест. И иако не чувствував никакви симптоми преземав мерки за самоизолација, додека мојата сопруга имаше негативен тест“,
рече Пецаков додавајќи дека со оглед што немал симптоми, после 36 часа повторно се тестирал и тогаш добил негативен резултат.
Тој се закани и со тужба за клевета против директорката на Државниот санитарен и здравствен инспектора, Ирина Бухова.
„Не сум прекршил ниту еден протокол, ниту свесно сум предизвикал опасност за граѓаните. Вие и оној политички менаџмент во ДСЗИ ќе се соочите со кривична пријава за клевети и несовесно работење и изнесување на заштитени здравствени податоци во јавност преку вашите политички портали“,
рече Пецаков.
Од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, исто така, обвинија дека СДСМ фабрикува случај, а ја обвинија владејачката партија дека тој што се шетал заразен е нејзиниот генерален секретар Миле Зечевиќ.