Министерството за внатрешни работи направило инспекција во битолски „Супер возач“ при што било утврдено дека Испитниот центар не поседува соодветна документација за потребниот стручен кадар и возила, а фирмата не водела и уредна еведенција
Истата институција, МВР, пред само три месеци и издаде лиценца на „Супер возач“, со заклучок дека ги исполнува условите да биде Испитен центар за полагање на возачки испити во Пелагонискиот регион за следните пет години. Газда на „Супер возач“ е кичевска фирма чиј сопственик, пак, е локален функционер на ВМРО-ДПМНЕ

Министерството за внатрешни работи (МВР) и официјално потврди за „360 степени“ дека битолскиот сообраќаен испитен центар „Супер возач“ добил забрана за работа од 30 дена. Во одговорот, од МВР ги објаснуваат и причините зошто кандидатите за прва возачка дозвола или за дополнителна категорија во Пелагонискиот регион, нема да може да полагаат најмалку до 13 септември годинава.
Има три основи за забраната која следува по спроведена инспекција.
„При надзорот не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во однос на потребниот стручен кадар согласно член 246 од истоимениот закон (За безбедност на сообраќајот на патиштата н.з.), потребната документација за возилата кои треба да ги поседува за спроведување на практичниот дел од возачкиот испит согласно член 248 како и водење на неуредна евиденција согласно член 42 од Правилник за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар (Службен весник на РСМ бр.29/2025)“,
одгорија од МВР за „360 степени“.
Во одговорот се наведува и дека „Супер возач“ има рок од 30 дена да ги острани недостатоците. Ако се прочитаат законските и подзаконските акти на кои се повикуваат од полицијата во одговорот до „360 степени“, пак, станува јасно дека е можно и одземање на лиценцата за испитен центар за „Супер возач“. Така предвидува законот, ако испитниот центар не успее да ги отстрани забелешките во дадениот рок од 30 дена.
Партиски функционер
Наодите на МВР, особено заклучокот дека не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во врска со кадарот и возилата, отвораат прашања за тоа како фирмата воопшто почна со работа. Зашто сега казнетиот „Супер возач“ пред само три месеци првпат доби лиценца за да биде испитен центар, откако истото МВР процени дека ги исполнува сите услови, што вклучува и кадар и возила.
„360 степени“ во повеќе наврати пишуваше дека има повеќе „црвени знаменца“ при изборот на „Супер возач“ за фирма која ќе го има монополот на испитен центар во Пелагонискиот регион. Газда на фирмата е компанија од Кичево, која е регистрирана во август минатата година, само неколку месеци пред да се објави конкурсот за испитен центар за Пелагонискиот регион. Сопственик на таа фирма е локален функционер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Филип Митрески.

Во писмената изјава за „360 степени“ во јуни годинава, Филип Митрески тврдеше дека неговата партиска припадност нема врска со изборот на негова фирма за испитен центар.
На прашањето, пак, како ќе ја врши дејноста кога неговите фирми немаат искуство во дејноста бидејќи се регистрирани речиси непосредно пред конкурсот, тогаш тој одговори:
„Иако компанијата формално е регистрирана во 2024 година, тимот кој стои зад неа е составен од професионалци со долгогодишно искуство во областа на возачки обуки, организација на испити и работа со институции од јавниот и приватниот сектор. Нашите раководители, контролори и претседатели на комисии поседуваат соодветни квалификации и практична експертиза, во согласност со законските критериуми за спроведување на испити за возачи“.
Два огласа
Лиценцата за испитен центар во Пелагонискиот регион „Супер возач“ ја доби во првата половина на мај во трка со фирмата СИЦ „АМ“, која беше испитен центар до декември 2024 година. Првиот конкурс пропадна бидејќи МВР процени дека и двете фирми не ги исполнувале условите. Никогаш не добивме одговор од МВР – кои точно услови не ги исполниле фирмите и како дотогаш работел СИЦ „АМ“, ако се знае дека истите услови мора да бидат исполнети постојано при работењето на центарот?
На повторениот (втор) конкурс победи „Супер возач“, затоа што за СИЦ „АМ“ повторно беше оценето дека не ги исполнува условите. Во овој случај добивме одговор дека морале да имаат, а немале свој полигон или договор за изнајмување на полигон на територијата на Ресен.

Во Ресен има само еден полигон. Тој е на Друштвото за обука на кандидати за возачи „Автошкола“ ДООЕЛ Здружение на возачи – Ресен. Сопственичка и управителка е Билјана Бузлевски, сопруга на Александар Бузлевски. Тој е кандидат на СДСМ за градоначалник на Ресен и син на Димитар Бузлевски, поранешен вицепремиер и градоначалник на Ресен. Сето ова е релевантно затоа што газдите на полигонот во Ресен потпишале договор за изнајмување на објектот со фирмата на функционерот на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево – „Супер возач“. Но, не му го изнајмиле објектот и на другиот конкурент на конкурсот, СИЦ „АМ“, со што практично пресудиле кој ќе ја добие лиценцата. Поради ова, од СИЦ „АМ“ се жалеа пред Комисијата за заштита на конкуренцијата и неодамна добија Конечно известување за утврдена фактичка состојба.
„360 степени“ имаше увид во документот. Во него се вели дека Здружението на возачи од Ресен на Бузлевска ја злоупотребило доминантната позиција и сторило потешки прекршоци. Толкувањето на Комисијата е дека полигонот е инфраструктурен објект/соодветна мрежа кој/а не може неоправдано да не се отстапи на друго правно лице за соодветен надомест.
„Како единствено правно лице кое има одобрение за исполнетост на услови за автосообраќаен полигон на територијата на градот Ресен… злоупотребувајќи ја својата доминантна положба на пазарот неоправдано одбил да му овозможи пристап во сопствената мрежа или други инфраструктурни објекти за соодветен надомест, па на ’АМ’ ДООЕЛ Битола му било оневозможено да дејствува како конкурент на дадениот релевантен пазар“, пишува во одлуката.
За полигонот во Ресен е одредена казна од 750 000 денари, или околу 12 000 евра, затоа што ја нарушиле конкуренцијата.
Возачите ќе чекаат
Полагањето возачки испити во земјава се врши пред испитни центри кои добиваат лиценца од МВР, под услови утврдени со закон и подзаконски акти. Испитните центри си конкурираат меѓусебно само кога ќе се распише конкурс за испитен центар бидејќи е дозволено издавање на само една лиценца за секој од осумте плански региони во земјава. Со други зборови, МВР дава монопол за одреден плански регион на една фирма во траење од пет години.
Од 15 декември, кога заврши лиценцата на претходниот испитен центар СИЦ „АМ“, па сè до 13 мај 2025 година кога лиценцата ја доби „Супер возач“ од Битола, немаше полагање за возачки испити во Пелагонискоиот регион. Инспекцијата на МВР и казната од еден месец значат дека повторно нема полагање, почнувајќи од 12 август 2025 година. На интернет-страницата на „Супер возач“ тврдат дека така ќе биде најдоцна до 13 септември, што навестува дека фирмата се надева оти ќе ги отстрани недостатоците во дадениот рок.
„360 степени“ се обрати со прашања до „Супер возач“ набрзо откако самите објавија дека нема да вршат полагања почнувајќи од 12 август 2025 г. Досега не добивме одговор.