Според МВР, Костадиновска – Стојчевска за доградба на Универзална сала го презела истиот договор што го имал Град Скопје со фирмата, иако тој договор бил истечен и требало да распише нов тендер. На тој начин, додаваат од МВР, на фирмата противзаконски ѝ исплатила повеќе од 27 милиони денари

Против поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска поднесена е кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според МВР, Костадиновска-Стојчевска за доградба на Универзална сала го презела истиот договор што го имал Град Скопје со фирмата, иако тој договор бил истечен и требало да распише нов тендер. На тој начин, додаваат од МВР, на фирмата противзаконски ѝ исплатила повеќе од 27 милиони денари.
„И покрај тоа што Министерството (за култура) било задолжено да ги спроведе неопходните постапки за доделување на сите потребни договори за целосно и комплетно завршување на реконструкцијата на објектот, иако согласно одредбите на Законот за јавни набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите за довршување на реконструкцијата на објектот, во име на Министерството за култура како наводен нарачател со правно лице од Скопје како изведувач, склучила Договор за преземање и отстапување на права и обврски од договор за јавна набавка на работи во вредност од 115 173 789 денари“,
се вели во соопштението од МВР.
Согласно тој договор, додаваат од МВР, Министерството за култура наводно ги преземало истите права, обврски и вредност од претходно склучениот договор помеѓу Град Скопје и истото тоа правно лице, иако знаела и била свесна дека претходно склучениот договор за јавна набавка помеѓу Град Скопје како договорен орган и правното лице како носител на набавката за реконструкција на објектот на 4.9.2023 година бил со истечен рок за изведба на работите.
„За ова од страна на договорниот орган Град Скопје на Електронскиот систем за јавни набавки – ЕСЈН на 18.09.2023 година било прикачено и Известување за реализиран договор и предметот кај договорниот орган Град Скопје бил архивиран како завршен и како таков договорот не претставува правен валиден акт кој може да биде преземен“,
се додава во соопштението од МВР.
Министерството за култура, врз основа на новиот договор, по доставени две времени ситуации од страна на изведувачот за изведени работи, на правното лице му исплатила вкупен износ од 27 197 845 денари. Со тоа било овозможено правното лице од Скопје, како изведувач на работите, да се стекне со противправна имотна корист во наведениот износ.
Поднесувањето на кривична пријава против ексминистерката за култура на 29 септември ја најави нејзиниот наследник на функцијата Зоран Љутков велејќи дека како министерство, по закон не може да финансираат или да градат објект што е локална установа.
Љутков рече дека ќе продолжи изградбата на Универзална сала во Скопје и уверува дека до крајот на 2028 година таа ќе биде повторно функционална.
Според изјавите на Љутков што ги даваше изминатиот период, начинот на кој Универзална сала е преземена од Град Скопје во Министерството за култура не е легален и постапката ја оцени како проблематична. Тој вели дека три до четири месеци ќе траат процедурите за законско преземање на Универзална сала од Град Скопје за потоа да продолжи изградбата на објектот.
Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура. Потоа на владина седница беше усвоена информацијата за пренесување на правото на реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала, од Град Скопје на Министерството за култура.
Универзална сала е изградена како резултат на светската солидарност и помош по земјотресот во 1963 година.
Реконструкцијата на објектот ја започна Петре Шилегов во 2021 година, но потоа Данела Арсовска го стопираше целиот проект со објаснување дека е небезбеден.
