Дваесет и деветгодишниот музичар од Битола подготвува тужба за соседот кој среде онлајн-концерт, кој се пренесувал во живо на социјалните мрежи, дошол пред неговиот дом и го пробол со нож во раката бидејќи му пречела гласната музика
Тоа беше обид за убиство, вели младиот музичар Пеце Петровски, додека го опишува саботниот инцидент во Битола, кога сосед од друга зграда дошол пред неговиот дом и го нападнал со нож.
Битолчанецот, кој се занимава со фолк-музика, во тој момент одржувал онлајн-концерт, кој го пренесувал во живо на социјалните мрежи.

„Јас тој концерт му го посветив на Лука – детенцето чии родители трпат притисоци од соседите бидејќи има аутизам. Кај нас, музичарите, владее правилото: ако на песната не му дадеш душа, таа нема ефект и затоа го посветив настапот. Но, во еден момент тој почна да фрла со камења по прозорот. Набрзо се качи горе, дојде видно вознемирен, хистеричен. Јас го исклучив настапот затоа што не сакав да се види насилството, излегов да му објаснам што се случува. Во еден момент тој извади нож и ме прободи во раката. Јас како музичар сакав да дадам добар продукт и музиката одеше во ограничени децибели, за сѐ да биде како што треба. Ова не е прв пат да правам свирки, да вежбам и досега со никој не сум имал проблеми. Ако му пречеше, можеше да пријави во полиција. На крајот ми се обрати со зборовите: ‘Имаш среќа што не дојдов со сатарот’“,
објаснува Петровски за 360 Степени.
По инцидентот, Петровски завршил на Ургентниот центар во болницата во Битола, каде што му ја санирале раната, која за среќа не била фатална.

Сега, вели, освен што очекува полицијата по службена должност да покрене постапка, веќе ангажирал и адвокати за да поднесе приватна тужба.
Нападот, како што вели, нема да го поколеба да продолжи да се занимава со она во што е најдобар.
„Не се плашам, напротив. Јас ќе продолжам со она што го правам. Секое лошо – за добро“,
вели Петровски.