Министерот Муцунски претходно му ја предаде градоначалничката функција во Општина Аеродром на претседателот на Советот, Дејан Митески, кој е заменик-градоначалник

Тимчо Муцунски денеска и официјално ја презеде функцијата министер за надворешни работи од досегашниот шеф на дипломатијата Бујар Османи.
На денешното примопредавање на функцијата, како што информираат од МНР, Османи му посакал успех на Муцунски во реализацијата на активностите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Муцунски на средбата порачал дека во периодот што следува акцентот ќе биде ставен на забрзување на евроинтегративниот процес на земјава, стратешкото партнерство со САД, како и привлекувањето странски инвестиции.
„И покрај многуте предизвици, со посветена работа и решителност ќе бидат постигнати зацртаните цели во предвидената програма за работа на Владата“,
истакнал Муцунски на средбата.
Министерот Муцунски претходно му ја предаде градоначалничката функција во Општина Аеродром на претседателот на Советот, Дејан Митески, кој е заменик-градоначалник.
Во објава на својот фејсбук-профил, Муцунски порача дека Аеродром останува во рацете на вреден и посветен човек, кој во минатото преку својата позиција како претседател на Советот давал сериозен придонес во функционирањето и развојот на општината.
„Голема благодарност до граѓаните на Аеродром и до општинската администрација за целата поддршка и соработка во изминатиот период“,
напиша Муцунски.
Митески на Муцунски му посакал успешна работа како министер за надворешни работи, со желба за искрена соработка и во иднина.
„Сакам да изразам огромна благодарност до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за довербата што ми ја даде, но и до сите граѓани за искрената поддршката, а јас можам да ветам дека со голема посветеност и упорна работа заедно со вработените во општината ќе продолжиме со реализација на уште голем број значајни проекти за уште подобар и поубав Аеродром“,
објави Митески на Фејсбук.