Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во гостување на ТВ Сител кажа дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласат да разговараат за уставни измени, а не исклучува и окрупнување на опозицискиот фронт и поддршка за Беса за најавените протести како притисок врз Владата за организирање на предвремени парламентарни избори, бидејќи како што кажа тоа е во интерес на јавноста.
“Ќе поддржиме окрупнување на опозицискиот фронт, без разлика дали е Беса или друг политички субјект со кој веруваме дека можеме да ја движиме Македонија во правилна насока врз основа на политики а не на интереси како Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ”,
вели Муцунски.
Денеска, првиот човек на Беса, Билал Касами најави дека ќе бараат одржување на предвремени парламентарни избори, а доколку власта не го прифати тоа најави дека ќе преземат порадикални чекори. Касами како услов за уставни измени побара предвремени избори. Според него внесувањето на Бугарите во Уставот е во директна корелација со одржувањето на предвремените избори.
„Ако за власта приоритет е промената на Уставот и внесување на Бугарите како народ во него, тогаш мора да се направи компромис за предвремени избори. Мислам дека ако се има волја за да се решат проблемите и актуелните во делот на интегрирањето и економските и енергетските и за слабото менаџирање на институциите, се надевам дека можеме да се договориме и за уставни измени и за избори“,
кажа Касами.
Касами најавува дека радикализацијата значи вршење на притисок врз власта преку протести. За постигнување на оваа цел тој вели дека се подготвени за соработка со сите партии од албанскиот опозициски блок, а не ја исклучува можноста за соработка со Алијанса за Албанците и со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе се разгледа можноста од пролет ако власта нема слух за проблемите и да излезе да се соочи со граѓаните на предвремени избори ќе се разгледаат заедно со другиот дел од опозицијата, албанска, во делот на организирање на протести и секаков вид на притисок врз власта за да се слушне гласот на граѓаните и што побрзо да се оди на превремени избори“,
изјави Касами на денешната прес конференција.