Шефот на дипломатијата на својот претходник му порача дека наместо да извртува факти и да бега од одговорноста за позициите во кои ја остави државата, требало да се повлече по изборниот пораз во Чаир
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на социјалните мрежи му реплицираше на поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, велејќи дека тој е последниот човек кој има право да држи лекции за тоа што е прифатено, а што не во преговарачкиот процес. Муцунски нагласи дека Османи многу добро знае што точно преговарал, што сè прифатил и во каква незавидна позиција ја оставил државата, воено порачувајќи му да не троши енергија на извртување факти и толкување туѓи изјави.

Во однос на политичкиот легитимитет, Муцунски напиша оти политичар кој не успеал да ја добие довербата ниту од своите најблиски сограѓани во Чаир, ниту од своите соседи кои најдобро го познаваат, по таков пораз би требало да покаже доблест, политичка одговорност и да се повлече од сцената, наместо да продолжува да дели лекции во јавноста.
„За разлика од неговите спинови, позицијата на оваа Влада е јасна и непроменета од првиот ден. Повеќе од две години слушаме обвинувања дека ќе попуштиме, ќе се откажеме и ќе прифатиме сè што претходно било договорено. Наместо тоа, со дела покажавме доследност, принципиелност и јасна заштита на македонските национални интереси. Тоа денес е јасно и дома и кај нашите меѓународни партнери“,
напиша Муцунски.
Министерот рече и оти политичката меморија на граѓаните не е кратка и оти тие многу добро знаат кој ја доведе државата во ваква ситуација, а кој сега неуспешно се обидува да избега од сопствената одговорност.
Вчера, поранешниот минисер за надворешни работи, Бујар Османи рече оти четири години трпел критики оти велел дека протоколите не се дел од преговарачката рамка, а сега тој чекор е поминат, откако актуелниот министер, Тимчо Муцунски рече дека според него, и како министер, и како правник, протоколите, односно записниците од разговорите, не се дел од Преговарачката рамка.
„Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат – Протоколот не е дел од рамката. Продолжуваме понатаму…“,
напиша вчера Османи.
