Нашата посветеност кон европската интеграција треба да престане да се мери по капацитетот на отстапките на која било македонска влада по однос на национални прашања, изјави денеска шефот на дипломатијата додавајќи дека ако некој сака така да ја мери нашата посветеност кон ЕУ, тогаш тој не разбира што е европска интеграција
Сакам да ги уверам нашите граѓани дека по однос на национални и идентитетски прашања дојдено е крајно време да престанеме да преговараме со било кого како држава. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија на земјава Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со потпретседателот на Владата за меѓународни односи и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ, кој е во официјална посета на земјава.

Прашањата чии одговори Муцунски ги заокружи со оваа речица се однесуваа на евроинтегративниот процес на земјава, пораките што доаѓаат од Брисел и од одделни земји членки, како и главното – спорот со Бугарија и изгледите за пробив во дијалогот со Софија.
Одговарајќи на прашањата, шефот на дипломатијата првин се осврна на регионалната безбедност. Рече дека во моментов има дестабилизирачки сили во неколку земји во регионот, коишто може да влијаат на дестабилизација на целиот континент.
„И затоа првата работа што јас цело време ја повторувам е дека ние како дел од земјите членки на НАТО, коишто се од регионот имаме примарна одговорност да се грижиме за долгорочната безбедност на регионот на Западниот Балкан. Но, секако долгорочна безбедност и иднина на регионот на Западен Балкан не може да има без извесност во делот на европските интеграции, и тоа е наша споделена одговорност. Ние да го завршиме нашиот дел, но и Европската Унија да го намали оној јаз помеѓу креирани очекувања и испорака, кој очигледно постои спрема сите нас во регионот во последните години“,
рече Муцунски.
За тоа кога може да се очекува средба со неговиот бугарски колега, но не на маргините на некој настан, туку официјална и која ќе го откочи процесот на комуникација, шефот на македонската дипломатија ги наброја досегашните контакти, а информира и за иницијатива што потекнала од наша страна во врска со Коридорот 8, на која, како што кажа, за жал сè уште нема позитивен одговор од Софија.
„Веќе подолг период работиме, за жал без позитивен фидбек од страна на Бугарија за организирање на заедничка средба помеѓу мене, нашиот министер за транспорт, (Александар) Николоски и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска со нашите тројца колеги од бугарска страна, со цел разјаснување на состојбите и иднината на Коридорот 8, бидејќи тоа е за нас стратегиски и значаен проект што сакаме да се движи напред. За жал, подолг период немаме позитивен одговор, но ќе продолжиме афирмативно да работиме на остварување на таа средба“,
рече министерот.
Дијалог и комуникација, како што додаде, постојано има. Вели дека нашата страна нема да дозволи застој на иницјативноста и дијалогот, бидејќи, како што рече Муцунски, тогаш ние ќе бидеме соучесници во еден процес на закочување на европската интеграција, што е во спротивност со целта на државата – побрзо да ги откочиме преговорите со ЕУ.
„Но, истовремено ние имаме јасна позиција, коајшто сум убеден дека соодветствува со ставот на секој еден македонски граѓанин, дека треба конечно да ставиме крај на овој процес на билатерализација или неправди, бидејќи што доколку утре се прифати тоа што се барало, што доколку утре се случат уставните измени и за шест месеци сме повторно во иста ситуација. И повторно ќе треба дијалог, повторно ќе треба разговори, но повторно ќе биде закочен процесот на преговори“,
рече Муцунски.
Шефот на дипломатијата рече дека ги следи и пораките кои доаѓаат од европските институции и од европски експерти во делот на реализацијата на Реформската агенда поврзана со Планот за раст. Во таа насока, Муцунски рече дека како Влада не сметаат дека Реформската агенда може да го замени процесот на преговори, таа, како што додаде, може да биде трансформативна за македонската држава и на делот ќе ја покаже нашата посветеност кон европската интеграција.
Нашата посветеност кон европската интеграција, рече Муцунски, треба да престане да се мери по капацитетот на отстапките на било која македонска влада по однос на национални прашања.
„Ако некој сака така да ја мери нашата посветеност кон европската интеграција, тогаш тој не разбира што е европска интеграција. Европската интеграција е владеење на право, европската интеграција е борба против корупција и тука како што кажа и самата еврокомесарка (Марта) Кос сме една од најдобрите, веројатно и најдобрата, да не ја цитирам нејзината изјава, може да ја видите, но сме водечката држава во делот на реализација на нашите обврски во Реформската агенда. И со тоа на дело покажуваме дека сме Влада која е посветена на европските интеграции, бидејќи ги вршиме оние трансформативни реформи во нашето општество“,
рече шефот на дипломатијата.

Навраќајќи се на спорот со Бугарија, тој кажа, оти не сака да создаде перцепција дека не бараме компромис, но компромисот што го бараме, рече мора да биде рационален и ќе ја обезбеди предвидливоста на евроинтегративниот процес за кој владата на премиерот Христијан Мицкоски говори подолг период.
„Сакам да верувам и сите тука во просторијата се согласуваме дека нашата држава по сите оние национални отстапки ја заслужила таа предвидливост“,
додаде Муцунски.
Шефот на дипломатијата рече дека комуницира и со еврокомесарката за проширување, Марта Кос и со нејзиниот тим, но, како што посочи, дел информациите што тие ги споделуваат нема да ги открие, а во корист на процесот.
„Знаете дека некогаш кога држиме одредени информации доверливи овозможуваме поголем простор за успешност и напредок. Дозволете ми и тоа да не го споделам, бидејќи ако кажам било што или една или другата екстрема ќе стане главна тема во медиумите во Бугарија, но тоа што ќе го кажам е дека ние како Влада, како држава, јас како министер за надворешни работи ја разбирам приоритеноста од ова прашање. Но, во исто време сакам да ги уверам и нашите граѓани дека по однос на национални и идентитетски прашања дојдено е крајно време да престанеме да преговараме со било кого како држава“,
рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.