Во објава на социјалните мрежи, министерот за надворешни работи и надворешна трговија истакна дека тоа што е препознаен како дел од успешна група лидери под 40 години му претставува исклучителна привилегија, чест, но и голема одговорност
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски е избран за еден од младите глобални лидери на Светскиот економски форум за 2025 година.

Признанието се доделува на исклучителни личности под 40 години од различни индустрии и региони кои покажале лидерски способности и посветеност кон подобрување на состојбите во своите заедници и пошироко. Светскиот економски форум секоја година преку строг селекциски процес избира група од приближно 100 лидери под 40 години од целиот свет, од кои 10 од Европа, кои го добиваат ова признание.
Во објава на социјалните мрежи, Муцунски истакна дека тоа што е препознаен како дел од успешна група лидери под 40 години му претставува исклучителна привилегија, чест, но и голема одговорност.
„Ми претставува особена чест што сум избран за еден од младите глобални лидери за 2025 година од страна на Светскиот економски форум. Да се биде препознаен како дел од успешна група лидери под 40 години – кои доаѓаат од политиката, економијата, академската заедница и граѓанското општество од целиот свет – претставува исклучителна привилегија, но и голема одговорност. Во време на глобални предизвици и динамични трансформации, лидерството мора да се темели на визија, интегритет, емпатија и посветеност кон долгорочни и одржливи решенија. Особено се радувам што ќе станам дел од оваа извонредна заедница на креатори на промени – заедно да учиме и да создаваме, со цел да изградиме поправеден и поотпорен свет. Со визија и чувство на одговорност останувам посветен на вредностите што нè поврзуваат, инспирираат и не водат напред“,
порача Муцунски во објавата на социјалните мрежи.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија наведуваат дека изборот на Муцунски за млад глобален лидер на Светскиот економски форум претставува признание за неговите напори и постигнувања во областа на дипломатијата и меѓународните однос и дека со признанието нашата земја се става на мапата на глобалното лидерство и ја нагласува посветеноста на државата на развој, иновации и меѓународна соработка.