Нашата држава, односно институциите беа цел на напад, вклучително и преку специфични форми и методологија. Нападнати беа Државната изборна комисија, Министерството за здравство, банки, а последен пример е Министерството за образование

Не треба да чекаме сајбер напад за да се браниме. НАТО во повеќе наврати издаде предупредување до сојузниците за опасноста од зголемување на сајбер нападите. Нашата држава, односно институциите беа цел на напад, вклучително и преку специфични форми и методологија. Ова во интервју за порталот „Алмакос“ го изјави директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу.
На прашањето дали и нашата држава е под закана, Муслиу вели дека опасноста е латентна.
„Во 2021 година се соочивме со специфичен модус во кој беше употребен телефонски софтвер од неколку локации од Африка и Азија насочен кон корисници на електронски уреди во клучни државни институции. Оваа активност коинцидираше со одржувањето на Иницијативата 17+1, која по повлекувањето на балтичките држави се намали на 14+1“,
вели Муслиу.
Според него, во текот на 2022 година најголема штета претрпеле токму земји од регионов, како што се Албанија и Црна Гора, а нападнати беа и БиХ и Косово.
„Србија, Хрватска и Бугарија се соочија со сајбер упад во системот на клучни државни институции. Голема штета е предизвикана и во земји како Португалија и Унгарија. Од почетокот на руската инвазија и Молдавија, Естонија и Литванија ги искусија руските сајбер напади“,
додава Муслиу.
Дека не секогаш нападот е од некој кој седи зад компјутер во далечни земји и региони, според Муслиу, доказ е случајот кога беше нападнат систем на институција кај нас преку контаминирање на софтвер на информатичко-комуникацискиот систем.
„Претходно, како што и е познато и на јавноста, нападната беше и Државната изборна комисија, Министерството за здравство, банки, а последен пример е Министерството за образование“,
вели Муслиу.
Агенцијата за разузнавање, додава директорот во интервјуто, придава голема важност на сајбер безбедноста, како еден од приоритетите дефинирани во новиот закон донесен минатата година.
„Агенцијата усвои сопствена Стратегија за сајбер безбедност, приспособена на Националната стратегија, која е поставена и се заснова на остварување на пет цели: Сајбер отпорност, сајбер култура, справување со сајбер криминал, сајбер одбрана и соработка и размена на информации“,
додава Муслиу.
Тој додава дека Агенцијата редовно ги следи актуелните трендови на сајбер заканите и врши рано предупредување.
„Оваа тема е и дел од редовната размена на сознанија и информации со сојузничките служби, со кои преку Агенцијата се поддржува работата на останатите надлежни институции“,
вели директорот.
За тоа како да се заштитиме од сајбер напади, Муслиу вели дека улогата и едукацијата на поединецот е клучна.
„Не постои совршено решение за сајбер безбедност кое е способно да заштити од секоја можна форма на закана. Стратегијата за сајбер безбедност е дизајнирана да го минимизира ризикот од напади, но кога тој ќе се случи потребна е реакција со изградена сајбер отпорност со цел да се минимизира влијанието. Двата аспекти се еднакво важни и во нив еднакво треба да се инвестира. Колку сме повеќе подготвени, толку последиците ќе бидат помали“,
додава Муслиу.