За протоколите од меѓувладините седници, Муртезани рече дека се обврзувачки документи и оти токму поради тоа процесот мора да е многу повнимателен
Во Брисел има многу голема посветеност и внимание за поддршка во однос на изнаоѓање решение, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани во врска со блокадата на евроинтеграцискиот процес на државава и усвојувањето на уставните измени со цел внесување на Бугарите во Уставот.

Во однос на досега неисполнетата заложба на коалицијата ВЛЕН дека за шест месеци по формирањето на Владата ќе се случат уставните измени и немањето поинтензивна комуникација со новата влада во Бугарија, Муртезани рече дека тој процес, сепак, ќе биде побавен од шест месеци, нагласувајќи притоа дека Македонија нема таков луксуз да остане во чекалната на ЕУ.
„Не дека нема обиди за воспоставување контакти, но имајќи ги предвид нашите позиции и немањето никаква доверба, не е ни така лесно директно воспоставување на контактите. Не дека нема обиди, не дека нема комуникација, дури и со посредство на Европската комисија, но тој процес, сепак, ќе биде малку побавен од тоа кога сме барале време од шест месеци“,
изјави Муртезани во интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
За протоколите од меѓувладините седници, Муртезани рече дека се обврзувачки документи и оти токму поради тоа процесот мора да е многу повнимателен.
„Ако сè што стои во протоколот ние го прифаќаме, тогаш не знам какви ќе бидат позициите и каква ќе биде реакцијата на граѓаните. Бидејќи реакцијата на граѓаните на таквиот начин на водење на преговори беше јасна порака и на последните парламентарни избори. Тоа што ние треба да направиме е посветено секој ден да работиме на имплементација на реформите, бидејќи само така даваме сигнал дека сме сериозно заинтересирани и цело време да инсистираме за наоѓање брзо решение за да го искористиме моментот. Гледаме колку брзо се движи Албанија. Тоа што се случува со Албанија кај нас може да биде дури и трипати побрза динамиката на одење напред“,
истакна министерот за европски прашања.