Министерот за европски прашања претходно денеска од Брисел за МИА изјави дека претставникот на Бугарија во работната група за проширување на ЕУ му пренел дека бугарската страна е подготвена за разговори и упатува позитивни пораки за воспоставување дијалог
Реформската агенда на земјава и Планот за раст на Западен Балкан биле во фокусот на денешната средба на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со еврокомесарката за проширување Марта Кос во Брисел.

На средбата со која Муртезани ја заокружил дводневната посета на Брисел, како што соопштија од Министерството за европски прашања, станало збор и за уставните измени.
„Соговорниците разменија мислења и за уставните измени во контекст на предизвиците на европскиот пат. Тие констатираа дека добрососедските односи се од клучно значење за напредокот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и дека сите решенија треба да бидат во согласност со волјата на граѓаните. Изразена беше подготвеноста за продолжување на конструктивниот дијалог и ангажман со сите партнери за осигурување на успешен пат кон членството во ЕУ, базиран на принципите на стабилност, помирување и заедничка одговорност“,
се наведува во соопштението од Министерството за средбата.
Уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во Преамбулата на највисокиот правен акт, како една од заедниците, се услов земјава да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија, односно да ја одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ и да почне со отворање на поглавјата и кластерите од преговарачкиот процес.
Владејчката ВМРО-ДПМНЕ, пак, е на став и предлага решение уставните измени да бидат со одложено дејство и да важат од моментот кога земјата ќе стане полноправна членка на Унијата.
Муртезани претходно денеска од Брисел изјави дека од бугарска страна имало сигнали за подготвеност за дијалог. Имено, министерот за МИА изјави дека претставникот на Бугарија во работната група за проширување на ЕУ му пренел дека бугарската страна е подготвена за разговори и упатува позитивни пораки за воспоставување дијалог.
„Мислам дека се создава добра средина, којашто мора да ја искористиме не само да воспоставиме дијалог, кој мора да го има помеѓу соседните земји за да се градат добрососедските односи, туку и простор што ќе нѐ води кон заедничко прифатливо решение, кое конечно ќе нè внесе во ЕУ“,
вели Муртезани.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на новинарски прашања рече дека засега нема детали кои би можел да ги сподели со јавноста, а да се однесуваат на евентуалната средба со новиот бугарски премиер Росен Жељазков. Рече дека кога ќе постојат какви било детали во врска со можната средба со челникот на новата бугарската влада, јавноста ќе биде информирана.
„Немаме намера по која било цена да одиме со главата во ѕид, нема по која било цена да потпишуваме сè што ќе ни биде ставено на маса. Нашите размислувања и политики ги знаете. Имаме легитимитет од народот и мора да го слушаме народот. Политичари коишто не го слушаат народот завршуваат многу лошо“,
изјави Мицкоски, прашан дали исконтактирал со бугарските колеги за да започне дијалогот за кој тој изрази подготвеност и за тоа каков повратен одговор добил доколку стапил во контакт.
Вчера лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, порача оти очекува сега, кога има политички соговорник во Софија, македонската влада што поскоро да ги започне разговорите за одмрзнување на преговорите за членство во Европската Унија и дека се надева оти во тој процес ќе се вклучат и Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД), како наш традиционален партнер.
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, викендов прашан во интервју за бугарската БТВ, дали официјална Софија ќе ја промени позицијата, со оглед на тоа дека премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски, е апсолутно категоричен дека додека е тој претседател на Владата, Бугарите нема да бидат внесени во Уставот, без јасни гаранции од Европската Унија, изјави дека доколку нема исполнување на преземените обврски, Унијата нема како да го продолжи пристапниот процес на Република Северна Македонија.
За најавите дека премиерот на С Македонија ќе побара средба со неговиот бугарски колега Росен Жељазков, Георгиев смета дека ако таква средба биде протоколарно побарана, претпоставува дека ќе биде разгледана низ призмата на нејзината сериозност.