Министерот за европски прашања денеска во Брисел го информирал еврокомесарот за проширување за приоритетите на Владата, како и дека европската интеграција на Република Северна Македонија е меѓу клучните приоритети на земјата
Во следниот период исклучително важно е да се создаде соодветна и позитивна политичка клима и јавна поддршка за промените и реформите кои следуваат, меѓу кои и уставните измени, порачал министерот за европски прашања Орхан Муртезани на средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска во Брисел.
Во оваа смисла Муртезани ја нагласил и подготвеноста на Владата за конструктивен дијалог со Бугарија, кој, како што посочил во изјава за МИА, треба да заврши со надминување на пречките на патот на земјава кон полноправно членство во Европската Унија, притоа штитејќи ги интересите на двете земји.
„Го информирав комесарот Вархеји за приоритетите на Владата, како и дека европската интеграција на Република Северна Македонија е меѓу клучните приоритети на земјата. Еврокомесарот ме информираше дека Европската комисија и институциите на Европската Унија ја поздравуваат заложбата на Владата, особено во брзината со која беше обработена и имплементирана реформската агенда, која јас лично ја сметам како една од најголемите достигнувања на првите сто дена на Владата“,
изјави Муртезани за МИА.
Муртезани и Вархеји разговарале и за имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан. Вархеји го поздравил придонесот на Владата во контекст на интензивните подготовки за Планот за раст на ЕУ за земјите од Западен Балкан, истовремено потенцирајќи ја потребата од брзо преминување на следната фаза – исполнување на одредниците за отворање на првиот кластер.
Еврокомесарот нагласил и дека ЕУ останува посветена на поддршката на земјава во надминување на другите предизвици на нејзиниот европски пат, особено преку техничка и финансиска помош за продлабочување на институционалните реформи.