„Во нашите односи со Бугарија, дури и една обична резолуција без обврзувачки карактер се проблематизира. Се инсистира да се стави зборот ‘модерен’ пред идентитетот и јазикот на државата – што е обид за диктирање на идентитетот од трета страна“, рече министерот

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани смета дека изјавата на еврокомесарката Марта Кос ја отсликува европската перцепција за идентитетот како нешто што е природно, препознатливо и неоспорно. Изјавата на Кос денеска предизвика различни реакции во јавноста, откако таа употреби референци на традиционалната храна како дел од македонскиот идентитет.
„Тоа е начинот на кој во Европа се перципира идентитетот – како нешто што се знае дека е ваше, дека припаѓа на одредено поднебје и не се става под знак прашалник, туку се прифаќа и почитува“,
изјави Муртезани во вечерашното гостување на телевизија Сител.
Тој посочи дека таквиот пристап не важи за Балканот, особено не во односите со Бугарија, каде што, според него, се прават обиди за редефинирање на македонскиот идентитет преку европски документи.
„Во нашите односи со Бугарија, дури и една обична резолуција без обврзувачки карактер се проблематизира. Се инсистира да се стави зборот ‘модерен’ пред идентитетот и јазикот на државата – што е обид за диктирање на идентитетот од трета страна“,
рече министерот.
Муртезани нагласи дека ваквите барања се спротивни на основните принципи на Обединетите нации и на европските вредности, и дека нивното прифаќање би значело сериозен удар врз преговарачкиот процес.
„Кога разговараме со партнерите во Европската Унија, тие ја разбираат штетата што може да ја предизвика еден ваков извештај, доколку во него се вметнат амандмани со зборот ‘модерен’ пред македонскиот јазик. Тоа би значело дека некој друг го диктира идентитетот и јазикот на една соседна држава – нешто што директно се коси со основните правила на Обединетите нации“,
изјави Муртезани.
Тој посочи дека постојат две спротивставени гледишта за европската интеграција на Македонија: една, поддржана од 26 земји членки кои бараат уставни измени како предуслов за отворање на преговорите, и друга – бугарската, која го условува процесот со дополнителни барања вон европската рамка.
Во однос на Планот за раст за Западен Балкан и реформската агенда, изјави дека нашите 136 чекори, се целосно хармонизирани со скрининг-извештаите и сите поглавја во Преговарачката рамка.
„Фокусирањето на реформите сега, освен што носи пари, го подобрува животот на граѓаните, ни помага во подигање на стандардите и усогласување со европските, ни помага да завршиме дел од работата сега кога сме блокирани од Бугарите и ќе ни служи кога формално ќе ги отвориме преговорите“,
рече тој.
Еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски рече дека за Европската комисија ситуацијата е јасна и оти доколку Северна Македонија ги исполни обврските и го промени Уставот, тогаш веднаш ќе се започне со меѓувладината конференција за отворање на кластерите без какви било други политички условувања.
Еврокомесрката беше прашана и за коментар на амандманите на бугарските европратеници со кои се бара во извештајот за напредокот на земјава што треба да се гласа на пленарна седница на ЕП следната недела пред македонски јазик да стои придавката „модерен“.
Во врска со ова, Кос рече дека според неа членството во Европската Унија е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, затоа што, како што кажа, Европската Унија е изградена на принципот на разноликост.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека земјата ги прифаќа европските вредности, меѓутоа се противи на уцените кои не се дел од тие вредности.